БИТЕФ под удар на цензура

Оdbорот на БИТЕФ забрани гостување на швајцарскиот режисер Мило Рау – уметничката дирекција зборува за невиден притисок и цензура во Србија.

Милош Лолиќ и Борисав Матиќ, членови на уметничката дирекција на 59. издание на белградскиот театарски фестивал БИТЕФ, соопштија дека фестивалот се соочува со цензура од режимот на Александар Вучиќ. Причина е одлуката на Одборот на БИТЕФ да го забрани гостувањето на прочуениот швајцарски режисер Мило Рау, пишува Автономија.

Преседан во историјата на фестивалот

„Одборот го одби предложениот програм на уметничката дирекција поради еден ‘непожелен’ уметник. Ова е преседан – во 58 години постоење никогаш не се случило Одборот да го спречи доаѓањето на странски гостин“, велат Лолиќ и Матиќ.

Тие посочуваат дека против програмата гласале претставничката на Секретаријатот за култура на Град Белград Ана Вељковиќ, новинарката Борка Голубовиќ Трбјешанин и организаторот Срѓан Обреновиќ, додека само претседателот на Одборот, актерот Светозар Цветковиќ, гласал „за“.

„Ниту еднаш не се разговарало за содржината или уметничкиот квалитет на претставата ‘Процес Пелико’ во режија на Мило Рау, иако станува збор за ексклузивно гостување. Белград ќе беше четвртиот град во светот што ја прикажува, по Виена, Авињон и Лисабон,“ наведуваат тие.

Говорот како причина за цензура?

Лолиќ и Матиќ сметаат дека причината за забраната е говорот што Мило Рау го одржа на отворањето на минатогодишниот фестивал, во кој го критикуваше еколошки штетното рударство, вклучувајќи го и она во Србија.
Тие потсетуваат дека по тој говор, Секретаријатот за култура го преполовил буџетот на фестивалот и не го обновил мандатот на претходната уметничка дирекција.

Уметничката дирекција не се повлекува

„Не сакаме да се откажеме од програмата на која работевме со месеци, бидејќи тоа би значело соучесништво во уривање на автономијата на уметничката дирекција и на самиот фестивал,“ изјавија Лолиќ и Матиќ.
Тие нагласуваат дека БИТЕФ мора да остане прогресивен и општествено провокативен фестивал кој реагира на времињата на општествени превирања.

Темата на нивниот годинешен програм е системското насилство – од полициско и економско, до родово и сексуално.
„На водечките светски гласови во театарот (Мило Рау и Ромео Кастелучи) им ги спротивставуваме младите автори од Србија, кои се подготвени да го преиспитаат системот и да се спротивстават на репресијата,“ додаваат тие.

Лолиќ и Матиќ завршуваат со ставот дека ниеден светски уметник не смее да биде прогласен за ‘persona non grata’ на Белградскиот интернационален театарски фестивал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни