„Bitch“ е збор со остри заби. Некогаш едноставна навреда, денес е толку разновиден што речиси го изгубил своето јасно значење. Може да биде именка, глагол или придавка. Може да се однесува на жена, но и на маж. Може да биде навреда но и комплимент.
Постојат „лоши“ и „добри“ bitches. „Boss bitch“, „bad bitch“, „psycho bitch“. За некои тоа е етикета што ја носат со гордост, за други – оружје што им се фрла в лице. Еволуцијата на овој збор е хаотична, контрадикторна и многу откривачка.
Еден збор што раскажува историја
Патувањето на „bitch“ започнува пред повеќе од илјада години. Во своето најбуквално значење, тоа е збор за женско куче значење кое датира уште од околу 1000 година. Всушност, зборот е постар од многу други денес „класични“ навреди.
Во староанглискиот, зборот се појавувал како bicce и се користел сосема неутрално. Се среќава дури и во медицински текстови од средниот век, каде што, на пример, „млеко од кучка“ се препорачувало како лек за никнување заби кај деца. Во тоа време, животните биле сметани за извор на лековити и дури магични својства.
Со векови, зборот се менувал – и во форма и во значење. Од bicce до bichche, bytche и конечно „bitch“, правописот се стабилизирал дури со појавата на печатницата во 15 век.
Но вистинската трансформација не била во тоа како звучи зборот, туку што значи.
Од животно до навреда
Речиси паралелно со значењето „женско куче“, зборот почнал да се користи и за жени. Тоа е класичен пример на јазична деградација кога неутрален збор станува навредлив.
Во средниот век, „bitch“ можел директно да значи проститутка или „неморална жена“. Со текот на времето, добил низа негативни конотации: злобна, напорна, манипулативна, агресивна.
Во 18 век, дури се сметал за една од најтешките навреди што може да ѝ се упати на жена, полоша и од „whore“. Постоела дури и поговорка: „Можеби сум курва, но не сум bitch.“
Сликата зад зборот останува симболична: кучка што ржи, лае и гризе, агресивна, неконтролирана, опасна.
Феминизмот и „преземањето“ на навредата
Во 20 век, особено со вториот бран на феминизмот, започнува нешто сосема поинакво a toa e обид за „присвојување“ на зборот.
Активистката Џо Фримен, во својот познат текст „The Bitch Manifesto“ (1968), го превртува значењето: жените кои се нарекуваат „bitches“ често се токму оние кои се самоуверени, гласни и независни.
Таа укажува на двојниот стандард: мажите се „асертивни“, жените се „агресивни“, мажите се „лидери“, жените се „bossy“
Со ова, „bitch“ почнува да добива ново значење, a тоа е симбол на сила, амбиција и отпор.
Кога се користи за мажи
Интересно, зборот одамна не е резервиран само за жени. Но кога се користи за мажи значењето е сосема поинакво.
Ако за жена може да значи „силна“, за маж најчесто значи „слаб“. Да се нарече маж „bitch“ значи дека е кукавичен, потчинет или немоќен.
Навредата функционира во спротивни насоки: жена → „премногу моќна“ и маж → „недоволно моќен“
Поп-култура, музика и нови значења
Со текот на времето, зборот влегува и во поп-културата и добива сосема нови значења.
Во 20 век, во џез круговите, „bitch“ можел да биде комплимент – означувајќи талент и харизма. Легендарниот музичар Мајлс Дејвис го користи токму така, вклучително и во насловот на албумот Bitches Brew.
Во модерната култура, зборот е насекаде – во серии, филмови, музика и интернет. Фрази како „Bitch, please“ или „Life’s a bitch“ станаа дел од секојдневниот говор.
Денес, тој може да биде: навреда, шега, комплимент, израз на блискост или начин на самоидентификација.
Сродни зборови и нивната судбина
„Bitch“ не е единствен. Слични зборови како „slut“ или „cunt“ имаат свои, често уште потешки и покомплицирани патишта.
„Slut“, на пример, некогаш значел „неуредна личност“, а не сексуално промискуитетна жена. Подоцна станал средство за контрола на женската сексуалност.
И овој збор, како и „bitch“, делумно е „вратен“ од некои движења, но останува контроверзен и длабоко поврзан со стигма.
Збор што никогаш не е неутрален
Денес, „bitch“ има стотици значења и форми. Се користи глобално, често без превод, токму поради неговата „сила“. Но, и покрај сите трансформации, едно останува вистина: за многу жени, тоа сè уште е навреда.
Како што вели пејачката Мередит Брукс: „Ниту една жена не сака да биде наречена ‘bitch’.“
И можеби токму тука лежи суштината на зборот, без разлика колку се менува, тој никогаш не е целосно безопасен.
Тој е огледало на општеството: на неговите предрасуди, моќни структури и борби.
И затоа, прашањето не е само што значи „bitch“ денес –туку што ќе значи утре.