Бистра Георгиева: Верувам дека сѐ уште постојат луѓе кои останаа разумни и веруваат во подобро утре

Книгите за деца кои ги пишува Бистра Георгиева котираат како едни од најчитаните, таа со особена одговорност пристапува кон оваа работа и вели дека навистина ја радува пишувањето и би сакала во иднина повеќе да пишува. Со нејзината организација Форум на разумни политики се труди да направи неколку позитивни промени на тоа поле, а и за издаваштвото смета дека е потребна некоја организација,агенција која ќе се бори за правата на авторите. Прочитајте подолу што ја израдувало најмногу минатата година и дел од нејзните ставови кои се секогаш на место и прецизно точни.

Tрн: Како се чувствуваше откако дозна дека твојата сликовница, “Зградата на Стела и Сани”, стана најчитана на Boksy.mk? Колку ти значат овие на некој начин референтни податоци ?

Бистра: Голема e радоста да знаете дека она што сте го работеле со големо внимание и љубов си ја остварило својата цел. А, за мене целта на пишувањето е да стигне книгата до читателите. Па уште и кога е најчитана помеѓу големиот број книги за деца, тогаш е навистина големо задоволство. Иако, да бидам искрена за мене не е толку близок овој свет на апликации и читање книги преку таблет и мобилен телефон како во случајот со Boksy.mk. Но, имајќи го предвид правецот во кој се движи светот, ваквите опции стануваат, веројатно една светлинка на темниот пат кој ни дава можност и надеж да не се откажуваме од читањето. Затоа, иако не ги познавам, јавно се заблагодарувам на тимот на Boksy.mk и нивните заложби за поголема достапност на литературата за деца.  

Трн: Кој е твојот коментар на влијанието и прифатеноста на твоите дела во литературата за деца ?

Бистра: Исклучително сум задоволна и инспирирана да продолжам да пишувам. Иако, влијанието на моите дела е сè уште немерливо, но она што за мене е важно, е кога познати и сосема непознати родители искрено споделуваат со мене дека ги читаат моите сликовници и дека нивните деца уживаат во нив.

Трн: Многу од авторите кои пишуваат литература за возрасни се испробаа и во литературата за деца. Но, може ли секој автор по дифолт да пишува и за деца или потребен е поинаков мајндсет за тоа? Дали е потребно да си дете за да пишуваш за деца ?

Бистра: Да пишуваш за деца потребно е да сакаш, впрочем како и за поголем дел од работите во животот. Да сакаш, односно да го сакаш, и да умееш да го споделиш она што ти се шета, претрчува и лета низ мислите. Како и за секоја уметност, така и за пишувањето, чувството дека ти си таа што создава е најголемо чувство на слобода. Се разбира, во овој процес одговорноста е голема и мора многу да се биде внимателен оти, веќе знаеме дека децата разбираат од многу мали сè што им се зборува и раскажува. Јас никогаш не сум пишувала литература за возрасни и затоа не би можела да одговорам на тоа прашање, но би сакала. Па така веројатно ќе осознаам дали е потребно да си возрасен за да пишуваш за возрасни.  

Трн: Колку и како  твоето искуство како сценарист за емисии за деца влијаеше на твојот поглед кон пишувањето книги за деца?

Бистра: Кога работев на серијата „Пет плус“ таа беше многу популарна помеѓу децата и за мене беше голема школа и непроценливо искуство. Таму, секоја епизода и секој лик се развиваа со многу внимание и голем тим од професионалци. Додека емисијата се емитуваше во живо беше особен предизвик и некои од грешките кои се случуваа многу тешко ги доживував. Но, подоцна кога форматот прерасна во ТВ серија веќе процесот беше многу строго дефиниран и немаше простор за импровизација. Таму сфатив колкава е одговорноста во пишувањето за деца и дека преку книгите за деца треба да им ги протнуваме работите кои мислиме дека се важни да ги научат и знаат.

Трн: Како иницијатор на идејата за обединување на кината во кино мрежа под твојата организација, Форум за разумни политики, што очекуваш да се промени и за какви промени се залагаш?

Бистра: Форум за разумни политики е организација која ја оформивме со мојот брат Гордан Георгиев. Јас го водам делот за култура во рамките на кој го инициравме проектот за создавање единствена мрежа на сите кина во нашата земја, тоа би значело нивно обединување и заедничко дејствување. Сите знаеме во каква состојба се кино салите низ градовите, вклучувајќи го и Скопје. Некои од нив работат и секојдневно се борат за поголем број публика, некои работат одвај, а некои остануваат ладни, празни и со дотраена опрема. Оставени се сами на себе да ги совладуваат препреките, или веќе „кренале раце“. Идејата зад кино мрежата е „заедно сме посилни“. Полесно ќе комуницираат, ќе си помагаат, ќе лобираат…А крајната цел е секако поголема кино публика, полни кино сали и едукација на филмската публика од најмали нозе. За мене, одењето во кино е создавање убави спомени, оти киното или гледањето филм е само еден дел од заедничкото дружење.

Трн: А кои промени се неопходни во издаваштвото и дали имаш некоја визија за тоа кога авторите ќе можат да добијат пристојни хонорари за нивната особено важна работа ?

Бистра: Во последно време многу се зборува за создавање агенција за книги/издаваштво како посебна институција, преку која ќе се поттикнува и негува издаваштвото. Верувам дека таквата идеја, по примерот на слични институции во други земји, ќе ги подобри условите и конечно ќе има тело кое ќе се посвети само на оваа значајна дејност.

Трн: Дали ДПМ ја гледаш како кадарна за тие промени или можеби треба да се формира друга организација на автори кои ќе бидат помалку под политичко влијание и ќе се заложува за правата на авторите?

Бистра: Јас немам никаков однос кон ДПМ, ниту пак, ДПМ кон мене, барем досега. Иако, би било логично да има. Следам што се случува периодов и искрено ми предизвикува многу неубави чувства на неприпадност, недоверба, непочит. Ах, па зарем ДПМ не е само одлика на целото наше општество?!?  Истовремено, верувам дека има писатели, членови кои искрено сакаат да го вратат интегритетот кој ДПМ очигледно го изгубил. Исто, како што верувам дека уште постојат луѓе во сите сфери кои останаа разумни и чесно веруваат во подобро утре.

Трн: Кога беше најсреќна во 2023?

Бистра: Кога излезе од печат мојата најнова книга „Седумте некоиси и седумте македонски композитори“, којашто ја напишавме заедно со братучед ми Александар Трајковски, а која толку прекрасно ја илустрираше Наталија Лукомска. Книгата е во издание на издавачката куќа Чудна шума. И кога истата книга доби прва награда за најдобра книга за деца. Кога бев на Moto GP во Италија. Летово кога се будев на дивиот камп во Лимнос. Зимава кога првпат во животот ја слушнав неверојатната песна “I’m Deranged” на Дејвид Боуви..и сфатив дека уште толку многу генијални песни, книги, филмови ме чекаат…а толку малку време…

Трн: Што им должиш на родителите?

Бистра: Многу им должам. Со нешто тековно се раздолжувам 😊. Она за кое не можам никогаш да се раздолжам, а се надевам дека ќе ги задолжам и моите деца: огромната посветеност и љубов како родители кои ни ја пружиле мене и на мојот брат. Секојдневната нивна будност за нашето правилно растење и развивање. Да се (о)стане чесен и добар човек не е нималку лесна работа која ни ја пренесувале низ годините. Секако, талентот кој го наследив за пишување од мајка ми и упорноста која ја наследив од татко ми. Да сум родител како нив, тоа си посакувам.

Трн: Кои се твоите главни цели и предизвици за 2024 година во однос на твојата креативна работа и твојот ангажман во областа на детската литература и култура?

Бистра: Почесто да пишувам и повеќе да работам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни