Поранешниот американски претседател Bill Clinton денес треба да сведочи пред комисија на Претставничкиот дом на САД која го истражува случајот поврзан со покојниот финансиер Џефри Епстин. Сведочењето ќе се одржи зад затворени врати и преку видео-врска од Чапаква, Њујорк, каде што Клинтон има дом.
Ова следува по шестчасовното сведочење на Hillary Clinton, која вчера одговараше на прашања на истата комисија. Според извештаите на CBS News и други американски медиуми, транскриптите од сведочењата се очекува да бидат објавени по завршувањето на распитот.
Името на Бил Клинтон со години се појавува во документите поврзани со Епстин, особено по декласификацијата на одредени судски материјали од американското Министерство за правда. Поранешниот претседател никогаш не бил обвинет за кривично дело. Познато е дека патувал со приватниот авион на Епстин неколкупати во раните 2000-ти, по напуштањето на Белата куќа, што и самиот го потврдил во претходни изјави.
Клинтон во повеќе наврати истакна дека не бил свесен за криминалните активности на Епстин, кој во 2008 година се изјасни за виновен за поттикнување малолетничка за проституција и отслужи затворска казна. По смртта на Епстин во затвор во 2019 година, Клинтон изјави дека со него немал контакт повеќе од една деценија.
Хилари Клинтон за време на своето сведочење нагласи дека не се сеќава дека некогаш лично го сретнала Епстин и дека не знаела за неговите злосторства. Таа го обвини комитетот, предводен од републиканци, дека се обидува да го одвлече вниманието од наводните врски на Доналд Трамп со Епстин. Демократските членови на комисијата побараа и Трамп да сведочи, повикувајќи се на нови медиумски извештаи за наводно блокирање документи од страна на Министерството за правда.
Комисијата, предводена од републиканецот Џејмс Комер, со месеци инсистира на сведочење на Клинтонови. Првично тие одбија, но по најавите за можни постапки за непочитување на судот, најавија дека ќе соработуваат.
Случајот Епстин и понатаму има силни политички импликации во САД, со оглед на тоа што во досиејата се појавуваат имиња на бројни влијателни личности од политиката и бизнисот. Денешното сведочење на Бил Клинтон се очекува дополнително да ја засили јавната и медиумската дебата.