Здружението за канабис и зелени политики Билка изрази сериозна загриженост поради неодамнешните случаи на заплена на пет тона канабис со потекло од Македонија во Србија, како и десетици тона запленет канабис на територијата на државата. Според здружението, овие настани не се изолирани инциденти, туку симптом на долгогодишна погрешна политика и нефункционална законска рамка.
Од Билка оценуваат дека ваквата состојба е директна последица на лошо поставени законски решенија, како и на сериозни пропусти во нивната примена. Наместо систем кој ќе обезбеди јасна контрола, транспарентност и заштита на јавниот интерес, воспоставен е модел кој отвора простор за злоупотреби и го зајакнува црниот пазар.
Здружението со години укажува дека постоечките закони во областа на медицинскиот канабис претежно ги фаворизираат комерцијалните интереси, додека пациентите (за кои првично и декларативно беше наменета легализацијата) остануваат на маргините. Недостигот од достапни, квалитетни и контролирани медицински производи, според Билка, ги турка пациентите кон нерегулирани и небезбедни извори.
Во изминатиот период, здружението во повеќе наврати доставувало предлози за законски измени со кои би се обезбедила реална медицинска употреба на канабисот, како и дестигматизација и декриминализација на рекреативните корисници. Сепак, овие иницијативи, според нив, не добиле сериозен институционален одговор.
Во тој контекст, од Билка ги отфрлаат повиците на одредени политички партии за целосно укинување на можноста за одгледување медицински канабис поради злоупотреби. Според здружението, проблемот не е во самата дозвола за одгледување, туку во повеќегодишниот недостиг на ефикасен надзор и координација меѓу надлежните институции, пред сè Министерството за здравство, Министерството за земјоделство и Министерството за внатрешни работи.
Билка упатува итен апел до сите парламентарни партии да започнат работа на Lex Cannabis, посебен закон (lex specialis) кој системски ќе го уреди прашањето на канабисот во Македонија. Според здружението, таквиот закон треба да обезбеди пациентите да не зависат од црниот пазар, рекреативните корисници да не бидат криминализирани, индустрискиот коноп повторно да стане дел од македонското земјоделство, а државата преку јасна регулација да обезбеди дополнителни приходи во буџетот.
Од здружението порачуваат дека понатамошното одлагање само ќе ги продлабочи проблемите и повторно ќе ја остави Македонија без јасна и одговорна политика во оваа област.
