Трн: Од Прилеп, преку Австралија, Африка, па се до степите на Монголија… Кога започна патувањето на Билјана? Зошто?
Билјана: Патувањата започнуваат многу одамна, поинтензивно пред некои 25 години и тоа беа претежно фамилијарни патувања по земји како Виетнам, Индија, Непал, Мексико, Куба, Кина итн. Фамилијарните патувања беа со намера да ги изложиме децата на различни култури, народи, места и да не се тоа само некои познати туристички дестинации, туку дестинации каде сите ние како фамилија би имале предизвици и би се соочувале со тие предизвици и најважно од се беше да градиме фамилијарни предизввици.
Веќе од 2014 година започнувам со друг тип патувања и тоа се почетоците на фотографијата и врската со Африка. Последниве 9 години главниот фокус ми е Африка, но не онаа туристичка Африка, туку онаа Африка што е многу ретко посетена, а уште поточно главниот фокус се племињата што ја задржале својата култура и традиции, но се истовремено пред изумирање.
Трн: Да се прави документарна фотографија е прилично одговорна работа. Некои велат дека фотографијата не може да е документаристичка затоа што е субјективно доживување на реалноста на фотографот. Дали, повеќе те интересира естетиката, или етнографијата на твоите фотографии?
Билјана: Па и за мене и двете се важни, естетски кога сакам да ги прикажам нивните традиционални орнаменти, декорации, нивните обоени лица, но истовремено работам и документарна фотографија и сепак земам записи од антрополошки и етнографски аспект. Документарната фотографија е доста одговорна затоа што мора да го прикажеш она реалното, секојдневниот живот.
Трн: Во Македонија гости се пречекувале со леб и сол, со што ве понудија народите од Јужен Судан, а со што Казасите во Монголија?
Билјана: Јужен Судан е доста тешка дестинација каде што во најголема мера се соочив со гладот, немање вода, но се сеќавам во едно од племињата ни имаа приготвено антилопа која беше премногу тегава а во Монголија не пречекаа со месо од стара овца, сушено и доста тегаво исто така, така што обично пробувам многу малку од нивната храна, онолку колку за респект и да не се навредат, инаку храна си носиме со нас.
Трн: Како воспоставуваш доволно силна доверба со локалното население за да ти дозволат да ги фотографираш? Дали некогаш ти се случило некоја заедница да е затворена за надворешниот свет и да не ти дозволат фотографирање?
Билјана: Тоа е еден процес и секогаш одиш на среќа од причини што Африка е секогаш инкогнито и никогаш не можеш да бидеш сигурен во ништо. Прво ни е најважно да стигнеме до одредената цел, до одреденото племе и потоа започнуваат преговори со старешината на кланот, на племето. Откако ќе добиеме дозвола, почнува следниот процес, процес на адаптација во племето, тие на нас и ние на нив. Никогаш не вадам камера да почнам да фотографирам првиот ден, седиме заедно, делиме храна, разговараме со помош на преведувачи така да се направи една база за работата што следи. Најважен е пристапот од моја страна, од страна на фотографот, луѓето мора да почувствуваат дека имаш интерес и почит спрема нив, тоа е најважно. Доколку не се стекне таа доверба тогаш е многу тешко. За мене во некои делови како во Етиопија сега после толку години ми е многу полесно да работам затоа што веќе ме препознаваат и знаат дека повторно ќе се вратам. Се сеќавам кога заминав првиот пат во Африка не направив ниту една добра фотографија затоа што тоа беше еден голем културен шок и не знаеш како да реагираш. Сега веќе е друга приказна, се си доаѓа со искуство.
Трн: Престојот во заедници кои поинаку го сфаќаат светот од нас, сигурно влијае врз тебе и твоето доживување на светот. Дали, следејќи ги изолираните заедници кои живеат во традициите и старите верувања, повеќе го разбираш глобалното село во кое живееме. Дали веруваш дека сите сме дел од една глобална заедница – човековиот род?
Билјана: Дефинитивно сме една глобална заедница според мене и јас тоа веќе го имам сфатено, но проблемот е што во глобала тоа не е се уште разбрано од многу луѓе. Африка и сето она што го имам доживеано, сите оние убави, но и страшни, некојпат и трагични, потресни моменти секако дека те менуваат како човек, како размислуваш, се градиш како личност, сфаќаш што е важно во животот а што не. Така што Африка имаше огромно влијание на мене и која сум денес, дефинитивно не сум истата личност што сум била пред 10 години.
Трн: Кој ти е омилен фото апарат, а кој ти беше првиот фото апарат?
Билјана: Нема тука омилен апарат, јас сум започнала да работам со еден бренд на апарат и со години сум останала на тој бренд така што не можам да правам споредба со други. Апаратот е само еден многу мал дел од тој процес. Ти можеш да го имаш Hasselbad или Eica, но ако ја немаш љубовта и ако не знаеш што правиш џабе ти е се. Така што би препорачала да не биде брендот оптеретување на идните фотографи, сето тоа е само еден имиџ.
Трн: Фотографираш луѓе во носии од разни краеви на светот, но позираш само во македонска носија. Дали на тој начин го затовраш кругот на твојот интерес кон народните носии. Дали може да очекуваме дека во објективот на Билјана ќе се најдат и урбаните носии на дваесет и првиот век?
Билјана: Интересот за народните носии секогаш постоел и ќе постои. Носиите како и фолклорот, музиката, песните, инструментите се дел од идентитетот, културата и традициите на еден народ, кој мора да го зачуваме и имаме должност тоа да го пренесеме на следните генерации. Дали ќе се најдат урбаните носии на 21 век, не знам и не можам да одговорам. Во моментов имам зацртано еден пат, една цел и сум во трка со времето да документирам она што има огромна важност, така што не размислувам на друго во моментов.
Трн: Кој правец го покажува твојот компас сега? Која е твојата следна дестинација? Зошто?
Билјана: Следната дестинација се надевам ќе биде Бенин и Того во Африка а и Етиопија, но како што реков со Африка никогаш не е сигурно, но планот е секако Африка.