Еротиката на Билитис: измислена поетеса што создаде вистинско наследство

Како една книжевна мистификација од крајот на 19 век стана културен простор за лезбејска желба, отпор и самоименување – од Сафо до „Ќерките на Билитис“.

Во 1894 година, европската културна јавност беше возбудена од сензационално „археолошко откритие“. Германски археолог на Кипар наводно открил гробница на античка поетеса по име Билитис, со повеќе од 150 песни врежани на ѕидовите – животна исповед на жена која пишувала за љубовта, телото и желбата, и која, меѓу другото, ја сретнала и најпознатата поетеса на античкиот свет: Сафо.

Но оваа приказна, сепак, била целосна измислица.

Зад „преводот“ стоел францускиот писател Пјер Луис, кој ја објавил книгата Песните на Билитис како наводен превод од старогрчки. Билитис никогаш не постоела. Но, нејзините песни (еротски, лирски и отворено лезбејски) создале сопствен и независен културен живот.

The Songs of Bilitis (1922) – Pierre Louÿs, Georges Barbier

Во тоа време, вистинската Сафо била позната главно преку фрагменти. Нејзината поезија, зачувана во парчиња папирус и цитати, зборувала за желбата меѓу жени со интензитет што ретко се среќава во античката книжевност. Таа го нарекува еросот „слатко-горчлив“, сила што го растопува телото и го пореметува разумот. Токму затоа, низ историјата, Сафо била постојано „поправана“ – хетеросексуализирана, морализирана или претставувана како трагична жена што страдала по маж.

Во тој контекст,приказната за Билитис била културна експлозија. Таа нудела нешто што недостасувало: целосен, непрекинат женски глас што зборува за женската желба без извинување и задршки. Иако лажна, таа функционирала како одговор на вековите тишина и цензура.

Книжевната стратегија на Луис била прецизно осмислена како игра со знаењето и очекувањата на читателот. Тој свесно вметнувал знаци дека станува збор за мистификација – археолог со име што на германски значи „Господин Тајна“, намерни анахронизми и песни означени како „непреведени“ – со што им остава простор на читателите да ја препознаат измамата како книжевен гест, а не како фалсификат.

Но, оваа игра не би имала ист ефект доколку Песните на Билитис не се појавиле во исклучително специфичен историски момент. Крајот на 19 век е период кога европските научни кругови, преку археолошките ископувања во Египет и откривањето на папирусите од Оксиринх, повторно ја внесуваат Сафо во јавната имагинација – фрагментарна, недовршена и постојано интерпретирана низ машки, често морализирачки филтри.

Дополнително, не може да се игнорира фактот дека Луис пишува во контекст на францускиот колонијализам, каде Египет, Алжир и поширокиот источен Медитеран често функционираат како проектиран простор на антика и еротика, што придонесува Билитис да биде обликувана како „ориентализиран“ женски глас, а лезбејската желба да се замислува како нешто далечно, егзотично и безбедно оддалечено од европската секојдневност.

Реакциите биле жестоки. Германскиот филолог Улрих фон Виламовиц-Мелендорф ја нападнал книгата како морална и научна закана, обидувајќи се повторно да ја „исчисти“ Сафо од лезбејската еротика. Но токму таа критика ѝ дала дополнителна тежина на Билитис – како провокација што не може да се игнорира.

Најнеочекуваното продолжение доаѓа во 1955 година, во САД. Група лезбејски парови во Сан Франциско, барајќи безбеден начин да се организираат во време на жестока хомофобија, го избираат името Ќерките на Билитис. Името звучело како книжевен клуб – безопасно за надворешниот свет, но препознатливо за оние што знаеле.

Така, фиктивната античка поетеса станува симбол на првата лезбејска социјално-политичка организација во САД. Билитис, иако измислена од маж со свои проблематични мотиви, била преземена и преосмислена од жени кои ѝ дале ново, вистинско значење.

Денес, значењето на Билитис излегува надвор од прашањето дали таа „навистина постоела“. Во време кога повторно се отвораат дебати за тоа кој има право да раскажува приказни за маргинализираните идентитети, Билитис функционира како потсетник дека културната историја често се гради во услови на недостаток, прекин и бришење. Таа ја симболизира потребата од алтернативни наративи таму каде што официјалната историја молчи или селективно памети.

За современата квир и феминистичка мисла, Билитис не е фалсификат што треба да се отфрли, туку текстуален простор што бил присвоен, препишан и реартикулиран од заедници кои немале институционална моќ да остават траен траг. Нејзината актуелност денес лежи токму во тоа: во можноста да се мисли културата не како затворен канон, туку како жива архива во која и измислените гласови можат да станат алатки за видливост, солидарност и самоименување.

Историјата на Билитис нè потсетува дека културното наследство не е само прашање на факти, туку и на потреби. Понекогаш, токму празнините – фрагментите, измислиците, игрите – стануваат простор за идентитет, отпор и нови заедници. Билитис можеби не постоела во античкиот свет, но нејзиното влијание е реално, живо и длабоко вкоренето во историјата на женската и лезбејската култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни