На гламурозната церемонија на наградите на списанието WSJ Magazine, пејачката Били Ајлиш предизвика бурна реакција кога јавно ги повика милијардерите да ги донираат своите пари, додека основачот на „Фејсбук“ Марк Закерберг седеше неподвижен и без реакција.
„Ве сакам сите, но овде има луѓе кои имаат многу повеќе пари од мене. Ако сте милијардер — зошто сте милијардер? Без навреда, но дајте ги вашите пари,“ рече Били од бината, предизвикувајќи аплауз и смеа во салата.
Закерберг, пак, според очевидци, не се ни насмеал. Камерите веднаш го фатија неговиот сериозен израз, што предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
Интересно е што токму на истиот настан неговата сопруга, Присила Чен, ја доби наградата за филантроп на годината, за нејзиниот хуманитарен ангажман преку Chan Zuckerberg Initiative.
Според Forbes, Закерберг во моментов е третиот најбогат човек во светот, со богатство проценето на околу 257 милијарди долари. Иако тој и сопругата одамна ветија дека ќе донираат 99% од своите акции во „Мета“ за добротворни цели, моментот на сцената сепак создаде видлива непријатност.
Били Ајлиш, која ја доби наградата за музичка иноваторка на годината, одржа говор што многумина го нарекоа најискрениот и најемотивниот на вечерта.
„Живееме во време кога светот е навистина мрачен и полн со неправди. Ако имате пари, прекрасно би било да ги употребите за добро — да им помогнете на оние на кои навистина им се потребни,“ порача таа.
Водителот Стивен Колбер подоцна откри дека Били не останува само на зборови — таа донирала 11,5 милиони долари од својата турнеја Hit Me Hard and Soft за проекти поврзани со климатска правда, распределба на храна и борба против загадувањето.
Публиката повторно ја поздрави со стоечки аплауз, додека интернетот се преплави со видеа и коментари за контрастот меѓу нејзиниот апел и рамнодушноста на Закерберг.
Извор: N1info.rs