Bild: ЕУ разгледува целосна забрана на продажбата на цигари со филтер

Европската унија планира да забрани цигари со филтер и електронски тутунски производи, објави германскиот весник Bild, кој дошол до нацрт-резолуција на Советот на Европската унија подготвена за претстојниот состанок на Светската здравствена организација (СЗО).

Според документот, Советот се повикува на извештај на работна група на СЗО за регулирање на тутунските производи, во кој се препорачува забрана на филтрите за да се намали привлечноста и вкусот на цигарите.

Советот на ЕУ ја поддржува оваа препорака, наведувајќи дека „забраната за производство, увоз, дистрибуција и продажба на цигари со филтер би придонела за значително намалување на потрошувачката на тутун“.

Освен тоа, во документот се споменува и можност за регулаторна забрана на е-цигарите, како дополнителна мерка за ограничување на никотинската зависност.

Конференција на СЗО во ноември

Нацрт-документот треба да биде разгледан на конференцијата на СЗО за контрола на тутунот (COP11), која ќе се одржи во Женева од 17 до 22 ноември.

Според Bild, ваквите препораки на Советот на ЕУ може да имаат значително влијание врз идната регулатива за тутун во Унијата, вклучително и измена на т.н. Директива за тутунски производи, што би можело да доведе до нови забрани во продажбата.

Австрискиот весник Kronen Zeitung претходно објави дека и Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, ја поддржува иницијативата за забрана.

Заштита на здравјето и животната средина

Како што наведува Bild, ЕУ размислува дури и за ограничување на продажбата на тутунски производи на малопродажни места, бензински пумпи и киосци, со цел да се намали зависноста од тутун и никотин.

Главните цели на предложените мерки се:

  • Спречување и намалување на потрошувачката на тутун;
  • Заштита на здравјето на граѓаните и намалување на изложеноста на чад;
  • Заштита на животната средина, особено подземните води и почвата;
  • Ограничување на влијанието на тутунската индустрија врз јавните политики.

Според извештајот, претставниците на германската влада веќе ја поддржале идејата за забрана на состанокот на Работната група на Советот на ЕУ за јавно здравје одржан на 9 октомври. Портпаролка на германското Министерство за здравство изјавила дека заедничкиот став на ЕУ сè уште е во процес на усогласување.

Со можната забрана на цигарите со филтер, Европската унија би направила најрадикален чекор досега во борбата против пушењето, со цел да ја заштити не само здравствената состојба на населението, туку и животната средина.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни