Бил и Хилари Клинтон би можеле да се соочат со апсење поради одбивање да сведочат за Епстајн

Бил и Хилари Клинтон се соочуваат со можност за апсење откако одбија да сведочат пред американскиот Конгрес во рамки на истрагата поврзана со Џефри Епстајн.

Клинтонови добиле судски налог да сведочат на 5 август пред Надзорниот одбор на Претставничкиот дом, во кој доминираат републиканците, а кој ја истражува врската на поранешниот американски претседател со озлогласениот сексуален престапник Џефри Епстајн, пренесува британскиот весник Телеграф.


Клинтонови одбиваат појавување во Конгресот

Во писмо упатено до Џејмс Комер, републиканскиот претседател на Надзорниот одбор, Бил и Хилари Клинтон јасно ставиле до знаење дека немаат намера да се појават на Капитол Хил. Писмото било испратено во вторникот.

„Убедени сме дека секоја разумна личност, во или надвор од Конгресот, врз основа на сè што досега сме објавиле, ќе разбере дека ова што го правите претставува обид за казнување на оние кои ги сметате за ваши непријатели, додека истовремено ги штитите оние кои ги сметате за пријатели“, се наведува во писмото.

Клинтонови изјавиле дека веќе доставиле заверени, заклети писмени изјави – истите какви што Комер ги прифатил и од други лица кои биле повикани со судски налог, по што тие биле ослободени од обврската за лично сведочење.


Можно обвинение за непочитување на Конгресот

Сепак, портпарол на Комер претходно изјави дека, доколку Клинтонови не се појават, ќе биде покрената постапка за непочитување на Конгресот.

„Тие се законски обврзани да се појават и очекуваме тоа да го сторат. Доколку Клинтонови не сведочат, Надзорниот одбор ќе покрене постапка за непочитување на Конгресот“, изјави портпаролот за Политико.

Ова би можело да значи кривична истрага против Бил и Хилари Клинтон, па дури и можни затворски казни.

Според извор на Фокс њуз, одборот би можел „веќе следната недела“ да покрене постапка за прогласување на Бил Клинтон за виновен за непочитување на Конгресот, додека засега не е јасно дали истото се планира и за Хилари Клинтон.


Претходни случаи покажуваат сериозни последици

Иако ваквите чекори ретко се преземаат, последиците можат да бидат сериозни. Во 2022 година, поранешниот советник на Доналд Трамп, Стив Бенон, помина четири месеци во затвор поради одбивање да се повинува на судски налог во истрагата за немирите од 6 јануари. Истата казна во 2024 година ја доби и Питер Наваро, поранешен советник на Белата куќа.


Нови детали од истрагата за Епстајн

Истрагата е дел од пошироката работа на Надзорниот одбор за случајот Епстајн, која започна уште пред стапувањето на сила на Законот за транспарентност на досиејата за Епстајн во ноември. Со тој закон, Министерството за правда, под администрацијата на Доналд Трамп, доби рок од 30 дена да ги објави сите документи поврзани со Епстајн.

Досега се објавени околу 100.000 документи, додека илјадници сè уште не се достапни за јавноста.

Меѓу објавените материјали има и фотографии на Бил Клинтон во џакузи со неидентификувана жена, како и фотографија од базен со Гислен Максвел, која отслужува 20-годишна затворска казна поради трговија со деца во корист на Епстајн.

Во судските документи се наведува дека Клинтон летал со приватниот авион на Епстајн четири пати меѓу 2002 и 2003 година, по заминувањето од Белата куќа. За време на едно од тие патувања бил фотографиран како прима масажа од Чонта Дејвис, една од жртвите на Епстајн.

И покрај сето ова, поранешниот претседател никогаш не бил официјално обвинет за кривично дело.

Реагирајќи на новообјавените фотографии, Хилари Клинтон побара целосно и безусловно објавување на сите документи поврзани со Епстајн и ја обвини администрацијата на Трамп дека намерно го ограничува објавувањето за да заштити „некого или нешто“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни