Американскиот бизнисмен и Бил Гејтс се огласи откако неговото име се појави во нова серија документи поврзани со Џефри Епштајн, во кои се изнесуваат непотврдени и сериозни обвинувања. Гејтс порача дека жали за секој контакт што го имал со Епштајн и дека тврдењата се целосно лажни.
Документите, објавени од американското Министерство за правда, вклучуваат интерни е-пораки за кои се тврди дека ги напишал самиот Епштајн во 2013 година. Во нив се изнесуваат тврдења за наводна сексуално пренослива болест кај Гејтс, но нема докази дека пораките некогаш биле испратени или примени од негова страна.
Во интервју за австралискиот медиум 9News, Гејтс изјави дека станува збор за е-пошта што Епштајн си ја испратил самиот на себе и дека таа никогаш не била доставена. „Тоа е лага. Не знам што му била намерата. Дали се обидувал да ме нападне или уценува? Жал ми е за секоја минута што сум ја поминал со него“, рече Гејтс.
Тој потврди дека го запознал Епштајн во 2011 година и дека во период од околу три години неколкупати се сретнале на вечери, но нагласи дека никогаш не го посетил неговиот приватен остров, ниту пак бил вклучен во какви било нелегални активности. Според Гејтс, Епштајн се претставувал како лице кое познава многу богати луѓе и може да помогне во собирање средства за глобално здравје, што, како што вели, ретроспективно била „слепа улица“.
Неговата поранешна сопруга Мелинда Френч Гејтс изјави дека обвинувањата поврзани со Епштајн повторно отвориле болни моменти од нивниот брак, додавајќи дека многу јавни личности сега се соочуваат со прашања за своите врски со него.
Гејтс истакна дека е еден од многуте луѓе кои жалат што некогаш го познавале Епштајн и дека секоја нова информација што излегува само потврдува дека станувало збор за погрешна одлука, но без каква било поврзаност со криминалното однесување на финансискиот магнат.
