Коосновачот на Microsoft, Бил Гејтс, испратил речиси осум милијарди американски долари на поранешната сопруга Мелинда Френч Гејтс за добротворни активности, со што нејзината фондација стана една од најголемите непрофитни организации во светот, објави весникот Independent.
Парот го најави разводот во мај 2021 година, по 27 години брак. Потоа го разделија својот филантропски ангажман, а Мелинда Френч Гејтс во мај 2024 година најави дека ќе поднесе оставка од местото со-претседател на Фондацијата Гејтс. Од 2000 година, Фондацијата Гејтс потрошила 53,8 милијарди долари за здравство, родова еднаквост, глобален развој и образование, според нејзината веб-страница.
„Со напуштањето на фондацијата ќе имам дополнителни 12,5 милијарди долари“
Кога Френч Гејтс најави оставка, таа напиша на платформата X: „Според условите на мојот договор со Бил, со напуштањето на фондацијата ќе имам дополнителни 12,5 милијарди долари кои ќе ги посветам на мојата работа за жените и семејствата.“
Повеќето од овие средства, како што се наведува, се доделени на Фондацијата Пивотал Филантропис, непрофитна организација основана во 2022 година во рамки на пошироката група Пивотал. Френч Гејтс ја основала оваа организација во 2015 година со цел „да го забрза темпото на општествениот напредок за жените и младите во САД и низ целиот свет“, стои на нејзината веб-страница.
