Основачот на Мајкрософт и претседател на фондацијата Гејтс, Бил Гејтс, рече дека младите генерации треба да бидат особено загрижени за четирите глобални предизвици: климатската криза, неконтролираниот развој на вештачката интелигенција, нуклеарната војна и ширењето на болести. Во разговор со Патрик Колисон, Гејтс рече дека иако денес постојат повеќе егзистенцијални закани, тој сепак верува дека иднината ќе му донесе напредок на човештвото.
„Нуклеарната војна порано беше главната закана“
Бил Гејтс потсети дека во младоста единственото нешто што сериозно го загрижувало била можноста за нуклеарна војна.
„Денес на тоа би ги додале климатските промени, биотероризмот и пандемијата, како и прашањето за контрола на развојот на вештачката интелигенција“, посочи тој.
Тој, исто така, нагласи дека зголемувањето на социјалната поларизација е уште еден сериозен проблем што може да ја загрози стабилноста.
„Помладите генерации треба да бидат многу загрижени за овие работи“, предупреди тој.
Ова не е прв пат Гејтс да ги потенцира овие прашања. Во блог пост од 2023 година, тој напиша дека основањето семејство дополнително го поттикнало да размислува за иднината на светот.
„Едно внуче ве тера да се прашувате како можеме да обезбедиме подобра иднина – во политиката, здравството, заштитата на климата…“, напиша тој тогаш.
Вештачката интелигенција како решение, а не проблем
Иако многумина предупредуваат на потенцијалните опасности од вештачката интелигенција, Гејтс верува дека тоа би можело да биде дел од решението.
„Денес немаме доволно медицински експерти, нема доволно луѓе кои можат да бидат во чекор со сите важни промени, ниту пак доволно кои, на пример, би можеле да предаваат математика во сиромашни средини. Накратко, ни недостасува интелигенција“, рече Гејтс.
Тој верува дека вештачката интелигенција може да го промени начинот на кој знаењето и ресурсите се дистрибуираат во општеството.
„Вештачката интелигенција на крајот – а точната временска рамка е дискутабилна – ќе ја направи интелигенцијата достапна за секого, практично бесплатно“, додаде тој.
Иднината носи напредок – ако ги решиме клучните проблеми
Гејтс е оптимист за иднината, но само доколку општеството сериозно се обврзе да ги реши своите најголеми предизвици.
„Ако можеме да ги решиме овие големи проблеми, работите ќе бидат многу подобри. Имаме шанса да ја излечиме Алцхајмеровата болест, дебелината, ХИВ, а детската парализа, сипаниците и маларијата би можеле да станат минато.„Иновациите напредуваат денес побрзо од кога било“, истакна тој.
Тој заклучи дека стравот може да биде движечка сила за промени.
„Младите луѓе може дури и да ја преувеличуваат веројатноста и последиците од некои од овие проблеми – но ако тоа ги поттикне да преземат акција за да ги спречат, тогаш тоа е добра работа“, заклучи Гејтс.