БиХ увезува сè повеќе дронови

Увозот на дронови во БиХ нагло расте: од 500 кг во 2023 до над 4 тони во 2024 и 2025, со вредност над 1,5 милиони евра. Се предлага построг режим за дронови над 249 грама.

Увозот на дронови во Босна и Херцеговина од година во година нагло расте, поради што властите најавуваат построги мерки за да го стават пазарот под подобар надзор, пренесуваат локалните медиуми.

Според податоците на Управата за индиректно оданочување на БиХ (УИО), во 2023 година биле увезени релативно мали количини беспилотни летала – околу 500 килограми, со вкупна вредност од приближно 500 илјади евра. Веќе во 2024 година увозот значително се зголемил на 4,1 тон, а вкупната вредност достигнала околу 900 илјади евра.

Во 2025 година е увезена речиси иста количина дронови, но тие биле поскапи и пософистицирани, па вредноста на увозот надминала 1,5 милиони евра. Најголем дел од увезените дронови биле произведени во Кина, но имало и модели со потекло од западноевропски земји и од САД, како и од Хрватска.

Иако најголемиот дел од овие дронови не спаѓаат во категоријата воена опрема, континуираниот раст на увозот отвори прашања за нивната неконтролирана достапност и можните последици врз безбедноста, пишува сараевскиот портал „Рапорт“. Освен за снимање и рекреација, дроновите може да бидат злоупотребени за неовластен надзор, нарушување на приватноста, па и за посериозни безбедносни инциденти, поради што станало очигледно дека постојните прописи не ја следат реалната состојба на терен.

Затоа се разгледува предлог сите дронови потешки од 249 грама во иднина да се вклучат на списокот на стоки од посебна намена, со што увозот и извозот на таквите уреди би биле ставени под построг режим на надзор.

Во важечкиот правилник за условите за користење дронови во БиХ, евиденција се води само за дронови чија максимална маса при полетување е поголема од 249 грама, а помала од 25 килограми, а за најголем дел од нив не е потребно да се обезбедат посебни дозволи за увоз.

Воведување посилен надзор, особено над увозот на пософистицирани дронови, предложил државниот координациски одбор за мало оружје и лесно вооружување, а за тоа треба да одлучува Советот на министри на БиХ.

Покрај беспилотни летала потешки од 249 грама, списокот на стоки од посебна, односно воена намена, според предлогот, треба да вклучи и сигнални пиштоли, заштитна опрема, уреди за пригушување звук, оптички нишани за спортско и ловечко оружје, ласерски мерачи на далечина, термовизиски камери и нишани, како и инфрацрвени нишани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни