Полицијата во Лос Анџелес истражува случај што го опишува како „очигледно убиство“, откако во домот на режисерот и актер Роб Рајнер беа пронајдени две тела.
Пожарникарите во неделата попладне по локално време биле повикани во куќа во елитната населба Брентвуд во Лос Анџелес, каде што ги пронашле 78-годишниот Роб Рајнер и неговата 68-годишна сопруга Мишел. Двајцата биле прогласени за мртви на самото место. Извор близок до Рајнер изјавил за Sky News дека сопружниците имале повеќекратни убодни рани.
Роб и Мишел биле убиени од нивниот син Ник, изјавиле повеќе извори за магазинот People. Полициски службеник потврдил за Associated Press дека полицијата испрашува член на семејството.
Рајнер е еден од најпознатите холивудски режисери, а меѓу неговите филмови се класици како „Принцезата невеста“, „Кога Хари ја запозна Сали“, „Неколку добри луѓе“ и „Ова е Спинал Тап“.
Венчани од 1989 година
Портпарол на Противпожарната служба на Лос Анџелес изјави за BBC дека пријавата за медицинска интервенција во куќата на улицата Чадборн авенија била примена околу 15:38 часот по локално време. Брентвуд е престижна населба во Лос Анџелес, каде што живеат бројни познати личности.
На местото на настанот пристигнале и детективи од одделот за убиства поврзани со разбојништва при Полициската управа на Лос Анџелес, кои отвориле истрага за она што го нарекоа „очигледно убиство“. Властите засега не соопштија дополнителни детали за околностите на смртта.
Рајнер телевизиската слава ја стекна во 1970-тите години со улогата на Митхед во пионерската хумористична серија „Сè во семејството“. Од 1971 до 1981 година беше во брак со актерката Пени Маршал, а ја посвои и нејзината ќерка Трејси Рајнер, исто така актерка.
Во 1989 година се ожени со Мишел Рајнер, актерка и фотографка. Двојката има три деца – Џејк, Ник и Роми.
