Биеналето ќе започне на 29 октомври 2025 година и ќе вклучува низа изложби и настани до последната фаза во октомври 2026 година.
Себастијан Цихочки е етаблиран и меѓународно признат куратор, кој живее во Варшава. Работи како главен куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава, а предава и на Универзитетот за уметности во Познањ. Нада Прља е меѓународно призната уметница и моментално работи и како куратор-соработник во Музејот на современа уметност – Скопје.
Во врска со нивното назначување како куратори на 15-то Биенале на младите уметници, Цихоцки и Прља изјавија: Биеналето ќе има поекспериментален пристап, ќе се одвива во текот на една календарска година, ќе биде конципирано во фази и ќе се одвива во најголема мера надвор од физичките параметри на Музејот на современата уметност – Скопјe. Учесниците во првата (локалната) фаза на Биеналето ќе бидат избирани од кураторите, по препораките од Советодавниот одбор, како и од Отворениот повик што ќе биде објавен на 20 јули 2025 година. Биеналето ќе опфати различни форми на уметничко изразување, вклучувајќи дела специфични за локацијата, интервенции, музики дела, перформанс и поезија. Биеналето, исто така, ќе го истражи концептот на „млада уметност“, нагласувајќи ја важноста и значајноста на „раните дела“, без оглед на возраста или на образовната позадина на учесниците.

„Од своето формирање, Биеналето на млади уметници служи како платформа за креативно експериментирање, соработка и општествено влијание, овозможувајќи поддршка за генерации уметници во фаза на формирање. Со неговото воспоставување во нашиот современ контекст, создадовме простор за значајна регионална и меѓународна размена“, вели Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ – Скопје. Понатаму, за назначувањето на Цихочки и Прља за куратори на Биеналето, тој вели: „Себастијан Цихочки и Нада Прља донесуваат различни перспективи обликувани од нивните индивидуални практики. 15-то БМУ ќе продолжи да промовира практики на современа уметност што поттикнуваат на размислување, етаблирајќи се како клучна платформа за поддршка на уметниците во рана фаза на формирање – простор за ангажирано истражување и за колективна рефлексија. Преку нивните кураторски визии, Биеналето критички ќе преиспита што треба да претставува Биенале на млади уметници во современи услови“.
Себастијан Цихочки е главен куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава (МСН), Полска, каде што бил куратор на: „Банер. Ангажман, реализам и политичка уметност“ (2025 година), „Примарни форми“ (2021 година-во тек), „Пенумбрално доба: Уметност во време на планетарна криза“ (2020 година), „Making Use: Живот во пост-уметнички времиња“ (2016 година), меѓу другите изложбени и истражувачки програми. Цихочки беше куратор на „Клуб на друштвото на собирачи на жито“ во Домот за медиумска уметност во Олденбург; 40-тото ЕВА Интернешнал – Ирското биенале на современа уметност; „Пост-уметничко собрание“ на 14-то биенале во Гвангжу и „Примарни форми“ на 3-то биенале на Тајланд во Чијанг Рај. Другите проекти ги вклучуваат Полските павилјони на 52-то и 54-то Биенале на уметноста во Венеција. Цихочки е член-основач на Управата за пост-уметнички услуги – мрежа на уметнички работници кои придонесуваат за продемократските политички борби. Тој е предавач на Универзитетот за уметности во Познањ, Полска (УАП) и стипендист на Центарот за кураторско лидерство, Музеј на модерна уметност (МоМА), Њујорк во 2018 година. Себастијан Цихочки го посетува Скопје од 2005 година и има воспоставено врски со локалната уметничка сцена.
Нада Прља е уметница чии проекти се повеќеслојни, специфични за локацијата или за условите. Прља ја претставуваше РС Македонија на 58-то Биенале во Венеција. Има учествувано на разни меѓународни биенала, вклучувајќи го 18-то Талинско триенале за графика во Естонија (2022 година), 14-то Балтичко триенале во Литванија (2021 година), Меѓународното биенале во Инсбрук во Австрија (2022 и 2020 година), 7-мото Берлинско биенале во Германија (2012 година), Манифеста 8 во Шпанија (2010 година), 28-мото Меѓународно биенале за графика во Словенија (2009 година) и други. Нејзините дела ги има претставено на многубројни самостојни и групни изложби, вклучувајќи ги МАКСИ, Рим; Кунстхале Кремс, Кремс; Вајт Кјуб, Лондон; Калверт 22 Фаундејшн, Лондон; Пале ду Токио, Париз; Луис Глуксман Галери, Корк; БОДЕ Галери, Хавана. Работи и како куратор, моментално како куратор-соработник во МСУ – Скопје. Помеѓу 2004 и 2015 година има предавано на разни универзитети во Лондон. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности и завршувањето на Средно училиште за ликовна уметност, двете во Скопјe, Прља се здоби со Магистратура по филозофија на уметност на Кралскиот колеџ за уметности во Лондон, Велика Британија.
За Биеналето
Посветеноста на МСУ – Скопјe кон уметничките практики во развој е отелотворена во неговата иницијатива за „Биеналето на млади уметници“, чие 15-то издание ќе се одржи во 2025 и во 2026 година. Програмата произлегува од две значајни изложби одржани во 1967 година – „Современо македонско сликарство“ и „Младата генерација и современата македонска скулптура“ – кои поставија темел за континуираната ангажираност на Музејот со уметници во рана фаза на формирање и нивните различни пристапи, методологии и дискурси. Концептот беше формализиран во 1987 година како „Биенале на млади“ и до денес секое издание го проширува опсегот на медиумски и на кураторски теми, го проширува учеството од локален во регионален и во меѓународен контекст, а истовремено, го усовршува и процесот на селекција. МСУ – Скопјe нуди признат институционален простор за поддршка и за презентирање уметнички практики во развој, при што Биеналето на млади уметници останува суштинска платформа за дијалог и експериментирање.