Катерина Шекутковска, преведувачката од германски јазик, која е дел од тимот на „Илика“ и Херо(ината) од Мрежа Стела за месец септември

Бидете секогаш отворени за нови искуства и можности

„Илика “ за мене е можност да го работам она што го сакам, она за коешто сум учела, што понекогаш е вистински предизвик во контекстот во којшто живееме. За мене лично, „Илика“ е истовремено точка на почеток и крај на која се преплетуваат сите тие акумулирани знаења и искуства, а каде што истовремено има и многу простор за понатамошно учење и развој

Трн во соработка со Мрежа Стела го објавува разговорот со Катерина Шекутковска, преведувачката од германски јазик, која е дел од тимот на „Илика“ и Херо(ината) од Мрежа Стела за месец септември.

Со книжарницата и издавачката куќа „Илика“ ја освеживте книжевната сцена и преведовте значајни дела, но ги поддржувате и македонските автор/ки преку издавачката дејност. Ќе ве навратам на почетоците, што ве поттикна за отворање на „Илика“ и кое е значењето на зборот?

Катерина: Желбата да се занимавам со издаваштво ја имав уште во студентските денови. Идејата за „Илика“ произлезе, пред сѐ, од околностите во коишто се најдов пред околу една година. Секако дека голема улога играше долгогодишната желба да работам во издавачка куќа и некои претходни работни искуства, но клучно беше што во еден момент имав акумулирано доволно ресурси за да можам да отпочнам да ја градам приказната на „Илика“. Името е, всушност, турски збор кој го имаме вдомено во македонскиот, а означува дупчето во коешто влегува копчето. Кафе- книжарницата „Илика“ ја гледам како место каде посетителите/ките првенствено ќе се чувствуваат безбедно, спокојно и поттикнати да истражуваат, програмата на издавачката куќа, пак, како простор за оние книги кои не се толку застапени на македонскиот пазар.

Каков поттик лично беше за вас отворањето на „Илика“ во однос на вашето образование и
кариера?
Катерина:
„Илика “ за мене е можност да го работам она што го сакам, она за коешто сум учела, што понекогаш е вистински предизвик во контекстот во којшто живееме. Магистерските студии ги завршив во Германија, на програма која ја спојуваше теоријата и практиката на книжевноста. Неколку години по ред, паралелно собирав работни искуства во различни културни и образовни институции: на факултет, во театар, како самостојна преведувачка во соработка со други издавачи. За мене лично, „Илика“ е истовремено точка на почеток и крај на која се преплетуваат сите тие акумулирани знаења и искуства, а каде што истовремено има и многу простор за понатамошно учење и развој. Со оглед на тоа што правите тематски настани секој месец како „Секогаш горди“ во јуни, „Патуваме, сонуваме“ во јули, организирате и собири со македонски писател/ки и книжевници/чки, но го поттикнувате и растот на детската книжевност.

– Сметате ли дека овие настани може да влијаат да се создаде уникатно место во градот за развој на книжевноста и за љубителите на книгата?
Катерина: Се разбира! И многу ми е драго што многумина ја препознаваат „Илика“ како таков простор. Со овие настани, но и со изборот на книги на месецот како и теми на месецот се обидуваме да комуницираме со нашите читатели/ки, да ги намамиме да нѐ посетат и да ги возбудиме за некоја книга. Покрај развојот на книжевноста во рамки на критиката и на универзитетот, сметам дека е потребно таа да е поприсутна во нашето секојдневие и да е достапна за секого. Убаво е кога во јавниот простор гледаме луѓе што читаат, кога посетата на книжарницата е повод за разговор и нови откритија, а и кога им дозволуваме на книгите да нѐ променат, да нѐ испровоцираат и да нѐ замислат. Вложувате во преводи на детската литература, а самостојно преведовте и некои литературни дела како „Девојчински спомени“ на нобеловката Ани Ерно што е вистински успех за квалитетната понуда на македонски јазик.

-Каков предизвик беше ова и преводи на кои книги може да ги очекуваме периодов?
Катерина:
Предизвикот беше сличен како за сите оние кои започнуваат нешто од нула во оваа средина. Во доминантно патријархално општество се негува култура во која треба да се докажеш и да заслужиш за да добиеш каква било системска поддршка. Среќна сум што моите околности, барем во заедницата која ме опкружува, беа поинакви и што постојано има некој околу мене што ме охрабрува да верувам во она што го правам. И среќна сум што имаме возбудлив, предизвикувачки и свеж план за нашата издавачка програма до 2026 година, богат со македонски и странски автори/ки. Пред скоро време издадовме еден прекрасен роман, фикционална биографија на Силвија Плат, „Еуфорија“ од Елин Кулхед, а есенва ќе следи и нешто ново во едицијата за детска
литература како и долгоочекуваниот роман „Кој го уби татко ми“ од Едуар Луј.


-Што ве инспирира и води низ работата и што им препорачувате на младите луѓе кои ја следат
„Илика“ во однос на личен напредок и развој, но и остварување на соништата?
Катерина:
Многу долго време ми требаше да сфатам дека не треба да ја игнорирам сопствената интуиција.

Затоа, на секој млад човек му препорачувам да си го следи срцето без разлика каков ќе биде резултатот, бидејќи постојат грешки кои едноставно мораме да ги направиме за да научиме нешто.

Неправењето компромиси и iнсистирање на добра работна етика како и отвореност кон нови искуства и можности се исто така клучни во работата за личниот и професионалниот напредок и развој.

-Какви книги најмногу читате и дали имате авторка што ве инспирира, ви дава поттик и ви е
омилена за читање?
Катерина:
Периодов доста читам проза од австриски авторки од дваесеттиот век кои ги имав пропуштено или недоволно забележано за време на студиите, бидејќи, за жал, не беа дел од машко
доминантниот канон кој го изучувавме. Ингеборг Бахман која ми беше претходно позната како
поетеса, моментално ја откривам како прозна писателка, и сум воодушевена од елегантноста и
непретенциозноста на нејзиното писмо. Драго ми е што преку работата, периодов можам да им се
посветам и на две авторки кои веќе подолго време ме фасцинираат. Една од нив е секако Ани
Ерно, а другата Елфриде Јелинек. Покрај тоа уживам да читам македонски авторки, особено
поетеси, како Александра Спасеска, Ивана Јовановска, Саранда Мехмеди, Калиа Димитрова.
Конечно, вистинско откритие оваа година ми беше италијанската авторка Голијарда Спиенца, една
од исклучителните авторки кои на македонски можеме да ги читаме благодарејќи ѝ на
издавачката куќа „Сигмапрес“.

*Овaa иницијатива е дел од проектните активности фокусирани на „Еднакви можности за
девојчињата и младите жени во Северна Македонија”, проект кој го спроведуваме заедно со
Националниот младински совет на Македонија Национален младински совет на Македонија –
НМСМ. Проектот е финансиран од страна на Британската амбасада во Скопје, а целта е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира
поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на
донесување одлуки на локално и национално ниво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни