Библиотека на тркала – Велосипедот Велко е новата иновативна услуга на библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.
Библиотеката во 2024 година, со овој проект, се приклучи кон Агендата на ООН 2030 за зелени библиотеки, носејќи ги книгите поблиску до сите, особено до оние со инвалидитет, повозрасните граѓани и лицата со посебни потреби.
„Со Велосипедот Велко, волонтери ги доставуваат книгите директно до вашите врати, надминувајќи ги пречките кои досега постоеле. Оваа услуга ќе биде достапна еднаш неделно, со претходно закажување на телефонскиот број 034-349-040 или преку имејл bibliotekastrumica@gmail.com.“, велат од Библиотеката.
Услугите на карго велосипедот се бесплатни и можат да ги користат сите љубители на книгата. Посебен акцент е ставен на руралните средини кои немаат библиотеки. Со оваа иницијатива, жителите на малите места добиваат можност за лесен пристап до саканата литература, без разлика на нивната локација.