Би платиле ли околу 9.000 евра за 500 грама суви лушпи од мандарини?

Колку се постари сувите лушпи од мандарина во Кина, толку се поценети, а за жителите на Ксинхуи тоа е мирисот на злато

На прв поглед, Ксинхуи е обична населба во кинескиот град Џиангмен, кој се наоѓа во јужната кинеска провинција Гуангдонг. Но, ако случајно се најдете таму на есен или в зима, на улиците ќе ве обземе прекрасниот мирис на суви кори од мандарина, познати како ченпи.

За жителите на Ксинхуи, тоа е мирис на злато. Имено, зборот за мандарина во кантонскиот, локалниот дијалект, се изговара исто како „злато“, односно „гам“. Како скапоцен метал, некои од овие лушпи можат да имаат неверојатно висока цена – под услов да се соберат токму во Ксинхуи, каде составот на почвата и водата ја прават областа идеална за одгледување мандарини. Се верува дека лушпите на мандарините од тој регион се ризница на микронутриенти.

Овие специјални кори се сушат на сонце секоја есен и зима – најмалку три години по ред. Постојат неколку видови на лушпи, а некои од нив се: зелени лушпи од мандарини набрани пред созревање, потоа светли, т.е црвени кори набрани во ноември, големи црвени кори кои се целосно зрели околу декември и кори од мандарини набрани по зимата, кога содржат повеќе шеќер.

Пред две години, килограм суви кори од мандарина од 1968 година беше продаден на аукција во Хонг Конг за 9.320 евра, а вредноста на индустријата за кора ченпи минатата година беше проценета на 2,94 милијарди евра. Моментално 500 грама кора ченпи стара 50 години чини неверојатни 8.875 евра.

Во зависност од видот, ченпи се користи во традиционалната кинеска медицина за здравје на слезината, дигестивниот и респираторниот систем. Сувите лушпи се богати со антиоксиданси и флавоноиди и помагаат во регулирање на крвниот притисок.

Се смета дека Ченпи се користел во јадења што им се служеле на царевите и цариците во Забранетиот град, поранешната царска палата на кинеската династија Минг (1368-1644) и Кинг (1644-1911). Денес, оваа состојка главно се додава во јужната кинеска кујна за подобар вкус, но и како лек. А се прават и слатки и пијалоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни