Запирањето на средствата за развој значи и стопирање на огромен број на проекти низ светот, кои носат опипливи бенефити за луѓето.
Ваквото радикално кратење на средствата значи и стопирање на на проектите и во Македонија. Од 1993 година поддршката за Македонија преку УСАИД достигна речиси една милијарда долари, надвор од воената помош. Американската агенција за меѓународен развој стана партнер и поддржувач на развојот на Македонија во во напорите за зајакнување на демократските практики и институции, зголемување на економскиот развој и подобрување на квалитетот на образованието.
Токму поддршката од УСАИД и партнерството со САД ја направија Македонија првата безжична земја во светот. Во 2004 година само 8 отсто од домаќинствата во земјава беа поврзани на интернет, а пристапот до брз широкопојасен интернет беше возможен само во урбаните средини и само од еден провајдер.
Основните и средните училишта низ земјава немаа пристап до интернет и пристап до информациите потребни за настава во 21 век.
Токму УСАИД преку нивната програма овозможи поставување на брз интернет до секое ќоше во Македонија, со што се поврзаа и сите основни и средни училишта во Македонија, а бројот на домаќинства кои добија пристап до глобалната мрежа се искачи од 8 на 78 отсто.
УСАИД исто така на интернет ги поврза и сите универзитети и студентски домови, па до крајот на 2005 година со бежичен интернет беше покриена речиси целата држава, што беше прв таков пример во светот.
Во изминатите години УСАИД работеше на реновирање на училиштата, како и набавка на опрема за наставните кадри и учениците, а работеше и на проекти за подобрување на интеретничкиот дијалог и разбирањето.
Еден од популарните проекти за промоција на соживотот во земјава беше и ТВ серијата „Наше маало“. Тоа беше телевизиско шоу Наше Маало што промовираше меѓуетничко разбирање во Македонија претставено преку заедничките авантури на деца од сите етнички групи и слоеви во општеството.
Поддршка од УСАИД добиваат и многу невладини организации и медиуми, како и владините и другите институции во државата.