Европската комисија предлага влезната такса за патници од земји на кои не им е потребна виза да се зголеми на 20 евра, како дел од новиот систем ETIAS што ќе стапи на сила на крајот од 2026 година. Оваа мерка е дел од поширок план за зголемување на приходите од буџетот на ЕУ преку сопствени извори на финансирање.
Европската комисија предложи таксата за патниците кои доаѓаат во ЕУ без потреба од виза и престојуваат кратко време да се зголеми од сегашните 7 на 20 евра, потврди висок функционер на ЕУ.
Безвизното патување ќе биде овозможено од последниот квартал од 2026 година преку Европскиот систем за информации и авторизација на патувања (ETIAS), во 30 европски земји, вклучувајќи ги сите членки на ЕУ освен Ирска, како и Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Швајцарија.
TasteAtlas го објави списокот, сите ви се добро познати
Овластувањето за ETIAS ќе биде потребно за кратки престои (до 90 дена) во тие земји за граѓани на земји на кои не им е потребна виза, како што се Велика Британија, Соединетите Американски Држави, Канада, Бразил и Австралија.
Новиот систем на такси ETIAS ќе биде директно поврзан со буџетот на Европската Унија.
Во моментов, таксата за аплицирање за влез без виза е 7 евра, а кандидатите под 18 години и над 70 години се ослободени. Сепак, Комисијата сега сака да ја зголеми таа такса тројно на 20 евра, со цел да обезбеди дополнителни средства.
Овој предлог следи по презентацијата на Повеќегодишната финансиска рамка (MFF), долгорочниот буџет на ЕУ за периодот 2028-2034 година, која предвидува значително зголемување на приходите од таканаречените „сопствени извори“, односно даноци и такси што се собираат на ниво на ЕУ.
Покрај петте нови предлози за сопствени приходи презентирани од Комисијата минатата недела, планираното зголемување на надоместокот за ETIAS треба да донесе дополнителни 300 милиони евра годишно.
Комисијата веќе го испрати предлогот до Советот на ЕУ и Европскиот парламент, кои треба да го одобрат, рече високиот функционер.
За разлика од другите видови приходи на Унијата, зголемувањето на надоместокот за ETIAS не бара едногласна поддршка од сите земји-членки на ЕУ.