Состојбата со бездомните кучиња во Скопје со години се враќа како тема секоја зима и секое лето, најчесто по инцидент, напад или нов бран реакции на социјалните мрежи. Темата повторно се актуелизираше и во текот на јануари, откако беше забележано зголемување на бројот на улични кучиња во Општина Карпош. Општината потврди дека состојбата е влошена, како што претходно алармираше и Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“, по што беше побарана интервенција од надлежните служби и соработка со Град Скопје и ЈП „Лајка“. Иако екипите излегоа на терен, видливиот проблем на улиците останува: дали Скопје дополнително се оптоварува со кучиња донесени од други општини, и ако е така кој го дозволува тоа и кој сноси одговорност?
Во обид да се добие појасна слика, Трн побара изјави од надлежните институции, јавното претпријатие задолжено за третман на бездомни кучиња и од активисти кои со години работат на терен. Одговорите отвораат сериозни дилеми за координацијата, контролата и политиките што (не)постојат.
Важно е да се истекне дека според законските прописи во Македонија, општините се единствено надлежни за системот за контрола на популацијата на бездомни и нерегистрирани кучиња, што вклучува заловување, третман, привремено сместување и повторно враќање на кучињата во реонот од каде што биле земени.
Во случајот на градот Скопје, ова значи дека Градот Скопје и општините во состав на градот имаат јасна законска обврска да организираат и спроведуваат систем за собирање и управување со популацијата на кучиња, вклучително и поставување и одржување на соодветни прихватни капацитети, водење евиденција, контрола на микрочипирање и едукација на сопствениците.
Надвор од ова, Агенцијата за храна и ветеринарство ги контролира хуманите третмани и ветеринарните стандарди, но не е надлежна да организира заловување или да одлучува за дислокација на бездомни кучиња помеѓу општини – што го става третманот и решавањето на проблемот директно во рацете на локалната самоуправа, односно на Град Скопје и неговите општини.
Агенција за храна и ветеринарство: Надлежноста е кај општините
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека не располагаат со податоци за тоа дали и колку бездомни кучиња се префрлаат од други општини во Скопје.
„АХВ нема податок колку бездомни кучиња се префрлаат од други општини во Скопје. Кучињата кои се заловени и го поминале третманот во овластено прифатилиште треба да се вратат во реонот од каде што биле заловени.“
Во продолжение, АХВ потенцира дека одговорноста за контролата на популацијата е јасно дефинирана со закон: „Согласно закон, надлежноста за системот за контрола на популација на кучиња е на општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје. Тие се надлежни да вршат собирање на бездомни кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и истите привремено да ги сместат во соодветни објекти односно прифатилишта.“
Ова отвора клучна дилема: ако нема централна евиденција и надзор, кој контролира дали кучињата навистина се враќаат во реонот од каде што се заловени?
ЛАЈКА: Силни индикации за дислокација од други општини
Од ЈП „ЛАЈКА“, кои секојдневно работат на терен, велат дека искуството и пријавите од граѓани укажуваат на поинаква реалност.
„Индикациите се силни дека во Скопје се дислоцираат кучиња од други подрачја и од други општини. На тоа укажува и искуството од нашата работа на терен, но и пријавите од граѓани.“
Според нив, промената во структурата на уличната популација е видлива: „Во Скопје до пред неколку години уличната популација кучиња беа од среден до мал раст кои носат извесни карактеристики на расите кои како што реков се актуелни и ‘мода’ во одреден момент, но веќе подолго време се соочуваме со големи, планински, кучиња, овчарски кучиња, шарпланинци, азијати, кангали и мешанци од овие раси.“
Однесувањето на овие кучиња, велат од ЛАЈКА, дополнително ја засилува сомнежот: „Од однесувањето на кучињата се забележува дека не се снаоѓаат во урбана средина, дека се дезориентирани, исплашени што повторно укажува дека не дошле на скопските улици со природна миграција.“
Дополнително, се посочува и проблемот со микрочипирани кучиња: „Нашите екипи на терен многу често наоѓаат и кучиња со сопственички микрочип од други градови во Македонија, но и бездомни кучиња микрочипирани на други општини. Имаме и локации низ градот каде што граѓаните најчесто се отарасуваат од домашните миленици.“
Исто така, голем проблем претставува фактот дека дел од граѓаните не ги познаваат ингеренциите на ЈП „ЛАЈКА“, па одговорноста за целиот проблем често се префрла токму кај нив, иако нивниот начин на работа, утврден со акт на Град Скопје, е јасно дефиниран како „залови – стерилизирај – врати“, а не како целосно и трајно решавање на проблемот.
Активистите: Проблем што одамна требаше да се отвори на ниво на ЗЕЛС
Активистката Мери Јордановска вели дека ова не е нов проблем и дека институциите одамна требало системски да реагираат.
„Ова прашање многу одамна требаше да биде покренато на ниво на ЗЕЛС, со оглед на тоа што постојат бројни очевидци на истоварање кучиња од комбиња со регистерски таблички од други градови, особено од Западна Македонија.“
Според неа, сведоштвата на граѓаните се загрижувачки: „Граѓаните сами сведочат дека глутници од по 10 – 20 кучиња, кои првпат ги гледаат, наеднаш се истовараат на територија на Скопје, тие се дезориентирани, а дел од нив имаат и маркички од други градови.“
И заклучокот е јасен: „Ова не само што не го решава проблемот, туку уште повеќе го продлабочува. Да се префрли одговорноста на друг град или општина и да му се истовараат бездомни животни говори само за примитивноста во која живееме и за очигледната неспособност да се справиме со еден проблем кој требаше да биде решен пред неколку децении, како што е впрочем решен насекаде низ Европа.“
Стационарите не се решение, туку привремена мерка
.И според законската регулатива, прифатилиштата и стационарите не се предвидени како трајно решение, туку како привремена и периодична мерка во системот за контрола на популацијата на кучиња. Законот јасно ја поставува обврската на локалната самоуправа не само да заловува и згрижува, туку и да спречува создавање нови бездомни кучиња, преку контрола на сопствеништвото, задолжително микрочипирање, стерилизација и санкционирање на напуштањето на миленици.
Сè додека неодговорното сопствеништво останува неказнето, а размножувањето на кучињата се случува без соодветна стерилизација од страна на сопствениците, стационарите ќе продолжат да функционираат како привремени депоа – од кои леглата, по истекот на законскиот рок, повторно ќе завршуваат на улица. Оттука, прашањето не е само дали кучињата се носат од други градови, туку зошто системот дозволува континуирано производство на бездомни животни, без евиденција, без реални казни и без јасна институционална одговорност.
Додека надлежностите се префрлаат меѓу институциите, а проблемот се третира симптоматски, Скопје останува град во кој бездомните кучиња не се последица на „природен процес“, туку на човечка негрижа и системско непостапување.
