Дали ознаката „безбедно за микробранова печка“ доведува во заблуда? Нов извештај предупредува на здравствени и еколошки ризици.

Нови анализи откриваат дека пластичните садови означени како „microwave safe“ може да ослободуваат микропластика и потенцијално штетни хемикалии при загревање.
Copyright Canva

Ознаката „безбедно за микробранова печка“ со години се смета за гаранција дека пластичниот сад е сигурен за употреба при загревање храна. Но, нов извештај објавен од Greenpeace International предупредува дека оваа ознака може да создаде лажно чувство на безбедност кај потрошувачите.
Имено, терминот „безбедно за микробранова“ најчесто значи дека садот нема да се стопи или деформира при загревање. Тоа, сепак, не гарантира дека при изложување на висока температура нема да се ослободуваат микропластични честички или хемиски соединенија кои можат да завршат во храната.

Според анализите на повеќе научни студии, при загревање пластични садови во микробранова печка може да се ослободат стотици илјади микропластични и нанопластични честички. Овие честички се исклучително мали и можат да навлезат во човечкиот организам, па дури и во крвотокот.
Експертите предупредуваат дека во производството на пластика се користат илјадници различни хемикалии, од кои многу не се доволно испитани. Дел од нив се поврзуваат со хормонални нарушувања, проблеми со плодноста, метаболички заболувања и зголемен ризик од одредени видови рак.

Покрај потенцијалните здравствени последици, извештајот укажува и на значајни еколошки ризици. Пластиката создава загадување во текот на целиот свој животен циклус — од производство и употреба, до распаѓање. Со текот на времето, таа се разложува на микропластика која завршува во почвата, реките и морињата, а потоа повторно влегува во синџирот на исхрана.

Во извештајот се посочува и дека постојната регулатива во многу земји, вклучително и во рамките на Европска Унија, не е доволно прецизна кога станува збор за ослободување микропластични честички од амбалажата што доаѓа во контакт со храна.

Организацијата повикува на воведување построги глобални стандарди, поголема транспарентност во составот на пластичните производи и подобра заштита на здравјето на луѓето и животната средина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни