Како безбедно да го исчистите автомобилот од снег и мраз: четири совети за зимски утра

Неправилното чистење на снегот и мразот може да го оштети возилото и да создаде ризик во сообраќајот – експертите предупредуваат на неколку клучни грешки што често се повторуваат.

Зимските утра често започнуваат со истата слика – автомобил целосно покриен со снег и мраз. Во обид што побрзо да тргнат на работа или на обврски, многу возачи прибегнуваат кон импровизирани и „брзи“ методи за чистење, но токму тие можат да предизвикаат сериозни оштетувања на возилото и да ја загрозат безбедноста во сообраќајот.

Иако чистењето на автомобилот на ниски температури бара трпение, постојат неколку проверени чекори кои овозможуваат снегот и мразот да се отстранат ефикасно и без ризик.

Првиот и најважен чекор е проверка на ауспухот. Доколку издувната цевка е затрупана со снег или мраз, постои сериозен ризик јаглерод-моноксидот да се врати во внатрешноста на возилото, што може да биде опасно по здравјето. Дури потоа се препорачува вклучување на грејачите на предното и задното стакло, кои постепено ја загреваат површината и овозможуваат мразот полесно да се одвои, без агресивно стружење.

Една од најчестите грешки што ја прават возачите е користењето топла или врела вода за одмрзнување на шофершајбната. Иако делува како брзо решение, наглата температурна разлика може да доведе до пукање на стаклото и скапи поправки. Од истата причина, не се препорачува ниту користење на отворен пламен или импровизирани грејни тела. Кај заледени делови како кваките, дозволено е внимателно користење млаз ладна вода и мека четка.

Подеднакво важен е и изборот на алатите. Металните стругачи, како и разни „домашни раствори“ со оцет или алкохол, можат да го оштетат стаклото и лакот на автомобилот. Најбезбедна опција е пластичен стругач во комбинација со мека, неабразивна четка наменета за снег. Неправилните четки оставаат микрогребнатини кои со време го нарушуваат изгледот на возилото.

При самото чистење, експертите советуваат да се почне од кровот и да се оди надолу. Со повлекување на снегот кон себе, наместо туркање, се избегнува повторно затрупување на веќе исчистените делови. Особено внимание треба да се посвети на предното и задното стакло, хаубата и багажникот. Наслагите од снег што остануваат на кровот можат за време на возењето да се лизнат и да ја загрозат видливоста или безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Иако одзема неколку минути повеќе, темелното чистење на автомобилот во зима е прашање на безбедност, а не само на удобност. Снегот и мразот што паѓаат од возилото при движење можат да предизвикаат сообраќајни незгоди, додека трпението и соодветната опрема долгорочно го штитат автомобилот од непотребни оштетувања и трошоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни