Системот „Безбеден град“ во текот на вчерашниот ден евидентирал вкупно 651 сообраќаен прекршок на територијата на државата, од кои дури 585 случаи се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, информира Министерството за внатрешни работи.
Покрај прекршоците за пребрзо возење, камерите регистрирале и 50 случаи на минување на црвено светло, како и 16 прекршоци за управување нерегистрирано моторно возило. Како дел од санкциите, изречени се вкупно 58 забрани за управување со моторно возило.
Од МВР посочуваат дека ваквите бројки повторно ја потврдуваат потребата од зголемена сообраќајна култура и одговорност кај возачите. Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички придонес кон зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на сообраќајните незгоди низ целата држава.
