„Безбеден град“ стартува од 1 февруари

Автоматизираниот систем за контрола и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ официјално ќе започне со работа од 1 февруари 2026 година, потврди Министерството за внатрешни работи. Со тоа, стартот на проектот се одложува за еден месец во однос на првично најавениот датум, 1 јануари.

Иако вниманието на јавноста е најчесто насочено кон Скопје, проверките на терен покажуваат дека системот сè уште не функционира целосно ниту во другите градови каде што треба да започне истовремено, Тетово и Куманово, како и на делници од коридорите 8 и 10.

За време на тестирањето, на повеќе локации беа забележани камери кои не реагираат на помали надминувања на дозволената брзина, а во одредени случаи немаше ниту опомени за значително побрзо возење. Дел од камерите, според увидот на терен, воопшто не мерат брзина или не се активни за автоматско казнување.

Од МВР велат дека ваквото однесување на системот е очекувано, бидејќи сè уште се наоѓа во тест-фаза и дека се разгледува воведување праг на толеранција за мали надминувања на дозволената брзина, како што е практика и во други европски држави. Одлуката за тоа, како што информираат од министерството, сè уште не е донесена.

Покрај фиксните камери, „Безбеден град“ ќе опфати и специјализирани полициски возила опремени со уреди за снимање, кои ќе се користат за евидентирање непрописно паркирање и други прекршоци во урбаните средини. Овие возила ќе бидат распределени низ секторите за внатрешни работи во државата.

Иако е најавено дека казнувањето ќе започне истовремено во Скопје, Тетово и Куманово, во делови од овие градови сè уште недостига целосна инфраструктура. Дополнително, само неколку дена по поставените новинарски прашања до МВР, во Куманово започна монтирање на нови камери, што укажува дека системот допрва се дооформува.

Одложувањето на стартот, според надлежните, треба да овозможи дополнително тестирање, калибрирање и техничко усогласување на опремата. Во исто време, дополнителниот период се оценува и како можност за возачите постепено да се прилагодат на новиот режим и да ги променат ризичните сообраќајни навики, пред автоматизираното казнување да стане реалност.

Извор: 360 степени

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни