Собранието денеска се очекува да даде „зелено светло“ за „Безбеден град“

Од 1 февруари камерите во Скопје, Тетово и Куманово нема само да снимаат, туку ќе започнат и со автоматско казнување

Собранието денеска се очекува да даде „зелено светло“ за воведување на системот „Безбеден град“, проект кој предвидува автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци преку мрежа на камери поставени во повеќе градови. Законот треба да се изгласа со двотретинско мнозинство.

Со усвојувањето на законските измени, камерите во Скопје, Тетово и Куманово повеќе нема да служат само за мониторинг, туку ќе бидат директно поврзани со системот за издавање казни. Практично, тоа значи дека прекршоците ќе се евидентираат автоматски, без интервенција на сообраќаен полицаец на лице место.

Во првата фаза од имплементацијата, системот ќе се фокусира на најчестите и најопасни сообраќајни прекршоци. Камерите ќе детектираат пречекорување на дозволената брзина, при што ќе важи одредена толеранција, слична на онаа што се применува кај полициските радари. Ќе се санкционира и минување на црвено светло на семафор, непрописно паркирање по градските сообраќајници, како и управување со возило со истечена регистрација или неважечка сообраќајна дозвола.

Иако дел од опозицијата, најави дека нема да го поддржи законот поради стравувања од можна злоупотреба на личните податоци, Владата тврди дека системот веќе дал конкретни резултати.

Доколку Собранието денеска ја потврди одлуката, системот „Безбеден град“ официјално ќе стартува од 1 февруари, означувајќи почеток на нов режим на сообраќајна контрола во урбаните средини – со помалку простор за „провлекување“ и повеќе автоматска одговорност за возачите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни