Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска соопшти дека пробниот период на системот „Безбеден град“ ја открил реалната слика на македонските улици: само за едно деноноќие регистрирани се дури 110.000 прекршоци, од кои најголемиот дел се пречекорувања на дозволената брзина. Според МВР, над 5.000 случаи се минување на црвено светло, околу 1.000 се нерегистрирани возила, а над 90% се прекумерна брзина.
Тошковски порача дека казните нема да важат само за „обичните“ граѓани, туку за сите: министри, функционери и државни возила. Истакна дека МВР веќе издало казни за возачи на најмалку тројца министри, што, како што нагласи, е доказ дека системот нема „недопирливи“. Изземања ќе постојат само за возила кои извршуваат итни интервенции или полициски операции, но и за нив ќе важат строго дефинирани процедури.
Министерот објасни дека доколку возило на функционер се движи побрзо од пропишаното надвор од службени обврски – казната ќе следи. При полициска придружба важат посебни оперативни правила, но и тие се регулирани и контролирани.
Посебно внимание беше посветено на странските регистарски таблици. Тошковски истакна дека тие нема да бидат исклучени од системот: секој прекршок ќе биде забележан, а возачите ќе бидат известени дека при следниот влез во земјава нема да можат да продолжат доколку не ја платат казната. Излез од државата нема да биде блокиран, но влез – да.
Системот не е совршен, но веќе спасува животи
Министерот призна дека постојат технички недостатоци и дека првите 24 часа покажале одредени несогласувања меѓу регистрираните податоци и лицата кои добиле известувања. Тие случаи ќе бидат детално проверени и системски коригирани.
Тошковски повтори дека главната цел на проектот е да го намали бројот на жртви на улиците, кој годинава изнесува 142 загинати, бројка што ја опиша како „катастрофална“. За илустрација, во Скандинавија просекот е околу 20 жртви на милион жители, европскиот е 44, а Македонија со години се движи околу 78 што е речиси двојно повеќе од ЕУ просекот.
Потсети дека разликата во брзината од само 2 km/h може да биде пресудна: прекршокот е административен, но ударот врз пешак со 52 km/h може да стане кривично дело со фатални последици.
„Безбеден град“ почнува во Скопје, Тетово, Куманово и коридорите 8 и 10
Тест-периодот моментално ги опфаќа Скопје, Куманово и Тетово, како и клучните македонски патни коридори. Тошковски најави дека системот ќе се прошири на целата држава, прилагодено на бројот на возила, населението и статистиката за сообраќајни удари.
Остануваат неколку технички проблеми, особено на коридорите 8 и 10, кои треба да се решат во следните две недели.
Законските измени ќе бидат донесени до крајот на годината
Во текот на неделата МВР ќе ги финализира сите законски измени потребни за целосна примена на системот. Според Тошковски, се разгледува дали имплементацијата да почне од 1 јануари или да се пролонгира до 1 февруари, за да има дополнителен месец за прилагодување и техничка проверка.
Тој најави дека јавноста ќе може да го следи ефикасното функционирање на системот, кој треба да внесе поголема контрола, дисциплина и безбедност во сообраќајот – еден од најтешките и најболни проблеми со кои Македонија со години се соочува.
