Без сеќавање нема иднина: Почит за жртвите на Холокаустот и борба против ревизионизмот

Денес, на Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот и 80 години од ослободувањето на Аушвиц, оддаваме почит на 6 милиони Евреи и сите останати кои беа жртви на нацистичкиот режим и неговите соработници.

Првата претседателка на Фондацијата за сеќавање на Шоа, Мадам Симон Веј, истакнува:
„Шоа не требаше да остави ниту еден единствен сведок, ниту да биде дел од историјата. Целта на ‘конечното решение’ беше да искорени цел народ од светската историја и од меморијата на човештвото. […] Нацистичката машинерија на смртта требаше не само да направи Евреите како народ да исчезнат, туку и да ги избрише доказите дека тие биле убиени.“

Историскиот ревизионизам и релативизирањето на настаните од минатото, поттикнати или спонзорирани од државниот апарат, претставуваат реалност која ја загрозува историската вистина. Директорот на Музејот на Холокаустот, Горан Садикарио, во своето обраќање нагласи:
„Компромисот со историската вистина за холокаустот на македонските Евреи може да го компромитира уникатниот статус на холокаустот како тотално зло. Не смееме да дозволиме таков преседан.“

Историјата на холокаустот на македонските Евреи, како и на Евреите од тогашните окупирани делови на Грција и Србија од бугарска страна, е нераскинлив дел од светската историја и не смее да биде предмет на преговори.

Во насока на зачувување на сеќавањето, Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија донесе одлука за бесплатен влез на организирани групи од основните и средните училишта во Меморијалниот центар. Таму може да се види и изложбата „Аушвиц – Место на Земјата – Албумот од Аушвиц“, креирана од Јад Вашем од Израел.

Едукацијата за холокаустот е клучен столб на Меморијалниот центар, кој не само што ја чува историската вистина, туку се спротивставува на обидите за ревизионизам. „Во сеќавање на 6 милиони убиени Евреи и во спомен на нашите македонски еврејски жртви, ние опоменуваме и едуцираме,“ истакна Садикарио.

Гита Шами Калдерон, Еврејка од Битола која го преживеала Аушвиц, во својата книга „Мишлоах Манот“ запиша:
„За да останам прибрана си повторував: Мораш да останеш жива за да можеш да се одмаздиш. Да живеам. Да живеам за моето семејство, да живеам за да можам да му раскажам на светот!“

Сеќавањето е нашата обврска. Како што кажа Садикарио:
„СИН МЕМОРИА НО АЈ АВЕНИР – БЕЗ СЕЌАВАЊЕ НЕМА ИДНИНА.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни