Предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за тридневно примирје по повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот претставува почеток на директни преговори со Киев без никакви предуслови, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров, на прес-конференција по состанокот на Советот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на БРИКС во Рио де Жанеиро, нагласи дека Москва го смета барањето на Киев за 30-дневно примирје како „предуслов”, пренесува РИА Новости.
Во врска со одговорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски на предлогот на Путин – дека прекинот на огнот треба да биде итен, безусловен и да трае најмалку 30 дена – Лавров изјави дека Русија не гледа никаква можност за реална проверка на почитувањето на долгорочно примирје во Украина.
„Способноста на украинскиот режим да организира провокации е добро позната. Нема сомнеж дека тие провокации би продолжиле, без оглед на тоа како би било организирано примирјето. Не гледаме никакви можности за фер следење на неговото спроведување“, рече тој.
Лавров додаде дека Украина и Европа бараат прекин на огнот од Русија единствено затоа што Киев трпи пораз на бојното поле. Тој нагласи дека војната во Украина може да се реши само преку елиминирање на нејзините основни причини – вклучително и одбивање од пристапување на Украина во НАТО – за што, како што рече, се разговарало и на состанокот на БРИКС.
„Уште еднаш детално ги изложивме нашите основни пристапи за решавање на овој конфликт преку отстранување на причините за неговото настанување. Тие причини се состојат во долгогодишните обиди на НАТО за проширување кон исток сѐ до руските граници и впивање на Украина во Северноатлантската алијанса, со што би се создале директни закани за нашата безбедност“, рече Лавров.
Тој додаде дека на состанокот на БРИКС ја истакнал и важноста од запирање на, како што ја нарече, „праксата на киевскиот режим“ за уништување на сѐ што е поврзано со Русија и рускиот свет – вклучително и рускиот јазик, културата, медиумите на руски јазик и канонската православна црква.