На прагот на Меѓународниот ден на трудот, вработените во градските јавни установи се соочуваат со понижувачка реалност: немаат ниту плата, ниту здравствено осигурување.
„Утре е Први мај – Денот на трудот, а ние вработените во Зоолошката градина немаме земено плата за март, а од утре остануваме и без здравствено осигурување,“ напиша на социјалните мрежи Тина Мицковска, вработена во скопската Зоолошка градина.
Невидениот административен ќор-сокак во кој се најдоа локалните установи е последица на судир меѓу насоките од Министерството за култура и ставот на Град Скопје. Имено, Министерството побарало нови пресметки за плати што не се во согласност со важечките колективни договори. Националните установи ги прифатиле овие насоки и веќе исплатиле плати, но локалните – кои се под ингеренција на Градот – се заглавени во процедура.
Според извори упатени во процесот, Градот не ги прифаќа решенијата од Министерството од страв дека евентуалните тужби од вработените би ја чинеле градската администрација директно. „Никој не сака да си го стави потписот на нешто што може утре да заврши на суд,“ вели извор кој сакаше да остане анонимен.
Додека институциите си ја префрлаат одговорноста, вработените остануваат без елементарна економска и здравствена сигурност. Според проценки на административци, дури и доколку веднаш се најде решение, исплатата на мартовската плата нема да стигне пред 5 мај.
Фактот што оваа состојба кулминира токму на 1 мај – симбол на работничката борба – претставува дополнителна иронија за оние што секојдневно ја држат во функција инфраструктурата на градот.