Астрономите открија нов, директен доказ за постоење на скриена ѕвезда-придружник во близина на црвениот суперџин Бетелгезе – густа трага од гас што наликува на бразда оставена од брод кој се движи низ вода. Се смета дека оваа трага е создадена од невидливиот придружник, познат како Сиварха, со што се потврдуваат долгогодишните сомнежи за неговото постоење.
Бетелгезе, црвенкаста ѕвезда во соѕвездието Орион, се наоѓа на околу 650 светлосни години од Земјата и е толку огромна што во неа би можеле да соберат повеќе од 400 милиони Сонца. Нејзината близина и сјај ја прават еден од најпроучуваните објекти за еволуцијата на џиновските ѕвезди, но една од најголемите енигми со децении претставуваше прашањето зошто нејзиниот сјај се менува во циклус од околу шест години.
Потврда за скриениот придружник
Набљудувањата спроведени во изминатите осум години откриле густ гасен траг што се движи низ надворешната атмосфера на Бетелгезе – токму во регионот каде што Сиварха орбитира многу блиску. Трагата се појавила кратко откако придружната ѕвезда, гледано од Земјата, минала пред Бетелгезе. Астрономите сметаат дека Сиварха прави една целосна орбита на секои шест години, што совпаѓа со периодичните промени на сјајот на поголемата ѕвезда.
Новата студија е прифатена за објавување во научното списание Astrophysical Journal.
„Ова е слично на брод што се движи низ вода – ѕвездата-придружник создава брановиден ефект во атмосферата на Бетелгезе, кој всушност можеме да го видиме во податоците“, изјави водечката авторка на студијата Андреа Дипри од Harvard-Smithsonian Center for Astrophysics. „За првпат гледаме директни знаци од оваа бразда, што потврдува дека Бетелгезе навистина има скриен придружник кој го обликува нејзиниот изглед и однесување.“
Како изгледа „браздата“
Бетелгезе е околу 15 пати помасивна од нашето Сонце и околу 1400 пати поголема по пречник, додека Сиварха веројатно е помала од Сонцето. Истражувачите наведуваат дека, доколку Бетелгезе се постави во центарот на нашиот Сончев систем, нејзината површина би се протегала до орбитата на Јупитер, а жешката атмосфера над неа уште неколкупати подалеку. Во таква средина, придружната ѕвезда буквално се „пробива“ низ густата атмосфера на суперџинот.
Тимот ја следел ѕвездата користејќи го Вселенскиот телескоп Хабл и неколку земски опсерватории. Податоците покажале промени во брзината и насоката на гасовите во надворешната атмосфера, предизвикани од нарушувањата што ги создава Сиварха.
Решавање на ѕвездените мистерии
Во последните години Бетелгезе ги изненади научниците неколкупати. Меѓу крајот на 2019 и почетокот на 2020 година, таа нагло потемне, што доведе до шпекулации дека е на работ од експлозија во супернова. Подоцна беше утврдено дека таканареченото „Големо затемнување“ било предизвикано од облак прашина што ѕвездата го исфрлила.
Бетелгезе покажува две редовни варијации на сјајот: пократка од околу 416 дена, типична за црвените суперџинови, и подолга од околу 2100 дена односно приближно шест години. Сè повеќе докази укажуваат дека токму Сиварха е одговорна за подолгиот циклус.
Неизвесна иднина на ѕвездениот пар
Според пресметките, Сиварха постепено се приближува кон Бетелгезе и можно е двете ѕвезди да се спојат во рок од околу 9000 години, можеби дури и пред Бетелгезе да експлодира како супернова. Таков настан би можел да исфрли дополнителен гас, да ја забрза ротацијата на ѕвездата и да влијае врз карактеристиките на идната експлозија.
Во моментов, Сиварха се наоѓа на спротивната страна од Бетелгезе во однос на Земјата, но се очекува повторно да стане видлива во 2027 година. Астрономите се надеваат дека идните набљудувања ќе овозможат и директно оптичко откривање на овој мистериозен придружник.
