Маврово од утре (5 декември) ја отвора ски сезоната. Имајќи предвид дека изминатиот викенд снежната покривка во Маврово достигна висина и до 60 сантиметри, пред скијачите е добар старт на скијачката сезона.
Новитет од годинава е што со купување на ски карта за Маврово, скијањето ќе биде бесплатно и на Копаоник, Златибор и на Стара Планина. Имено, скијачките центри на Македонија, потпишаа договор со Ски центарот Маврово, врз основа на кој скијачите од Македонија и Србија ќе можат бесплатно да скијаат со ски карта што е купена во Македонија или во Србија.
Според договорот, овие поволности се за скијачите и од Србија и од Македонија, бидејќи, сопствениците на сезонски билети за скијање во Србија можат да уживаат три последователни дена бесплатно скијање на патеките на скијачкиот центар Маврово, информираат од Скијачките центри на Србија. Истовремено, носителите на сезонски билети на Маврово ќе можат бесплатно да скијаат на Копаоник, Стара планина и Торник на Златибор.
Според информациите објавени на интернет страната на Скимакедонија.мк. со сезонската ски карта од ски центарот Маврово за претстојната сезона ќе можете бесплатно да скијате низ следните ски центри:
– Олимписки центар Јаxорина (два последоватени дена)
– Скијалишта Србије- Копаоник, Торник (Златибор) и Стара Планина (три последователни дена)
– Олимписки центар Бјелашница и Игман (три последователни дена)
– Скијалишта Црне Горе- Колашин 1600 (три последователни дена)
За користење на услугата, сопствениците на сезонските ски карти за сезона 2024/2025 треба да ја активираат нивната карта на билетара и да подигнат ваучер пред да се упатат во одбраниот ски центар.