По 2017 и 2022 год. стрип книжарницата „Бункер“ на 07.10.2023 год. по третпат ќе организира „Ден на бесплатни стрипови“.
Се работи за најмасовниот настан во светот на стрипот – ден во годината кога во специјализираните книжарници за стрипови на посетителите им се делат бесплатни примероци. Манифестацијата за првпат се одржа во Соединетите Американски Држави во 2002, а потоа се прошири и во многу други земји. Во првите 6 години поделени се повеќе од 12 милиони бесплатни стрипови во над 30 земји. Целта е промовирање и ширење на стрип-културата.
Оваа година обезбедивме околу 700 стрипови кои ќе бидат поделени бесплатно. Во понудата е широк спектар на изданија наменети за различни возрасни групи. Бројката расте бидејќи во акцијата се вклучуваат и голем број домашни издавачи и поединци. Настанот е закажан за сабота, 07.10.2023 во стрип книжарницата „Бункер“ со почеток во 10 часот и ќе трае до 15 часот или додека не се потрошат количествата. Стриповите ќе бидат делени по принципот „прв дојден, прв услужен“, секој посетител ќе има право да земе најмногу два стрипа од претходно направената листа. Покрај бесплатните стрипови стрип книжарницата Бункер ќе понуди и 30% попуст на целокупниот асортиман.
Исто така, и годинава во соработка со „Светот на Биби“ еден дел од стриповите ќе бидат подарувани и во нивната продавница во Битола, со што настанот добива регионален карактер.
Фотографија од плакатот – дело на уметникот и стрип-цртачот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо.