Зимското издание на Фестивалска мрежа на Јадранскиот регион ќе се одржи од 22 јануари до 5 февруари, овозможувајќи ѝ на публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Македонија бесплатно да гледа избор од шест наградувани современи регионални филмови – во кино салите и онлајн.
Публиката во земјите-членки на Мрежата ќе може да ги погледне филмовите „Семејна терапија“ на Соња Просенц, „Fiume o morte!“ на Игор Безиновиќ, „After the Summer“ на Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ на Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ на Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ на Гојко Бекуљан.
Програмата започнува на 22 јануари со бесплатни кино-проекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и Скопје, додека од 23 јануари сите филмови ќе бидат достапни и онлајн преку платформата Kinomeetingpoint On Demand (ondemand.kinomeetingpoint.ba).
Проекција во Скопје
Во рамки на програмата во Скопје ќе биде прикажан филмот „Мајка Мара“, во режија на Мирјана Карановиќ. Проекцијата ќе се одржи на 22 јануари, во киното Синеплекс Скопје, со почеток во 19 часот. На настанот ќе присуствуваат режисерката и главна актерка Мирјана Карановиќ, актерот Вучиќ Перовиќ, кој ја толкува главната машка улога, како и кинематограферот Игор Маровиќ.
„Мајка Мара“ е интимна драма за успешна бизнисменка и самохрана мајка која, по смртта на својот син единец, се повлекува од светот околу себе. Средбата со неговиот близок пријател ѝ отвора простор за нова блискост, но и за соочување со загубата, сопствените емоции и вистините од животот на нејзиниот син.
Филмови во програмата
Меѓу филмовите во програмата е и „Fiume o morte!“, документарна драма на Игор Безиновиќ за шеснаесетмесечната окупација на Риека и контроверзната историска фигура на Габриеле Д’Анунцио, раскажана низ перспективата на денешните жители на градот.
Филмот „After the Summer“ на Данис Тановиќ носи комично-драмска приказна за млада жена која, доаѓајќи на остров по наследство, се соочува со сопственото минато, семејни тајни и прашања за идентитетот
„Живи и здрави“ на Иван Мариновиќ внесува горчливо-хумористичен тон преку приказна за свадба што сепак се одржува, иако невестата се откажала од бракот, додека „Планета 7693“ на Гојко Бекуљан е семејна и топла приказна за момче кое, со помош на необичен пријател, се обидува да ги поправи нарушените семејни односи.
Зимското издание се реализира како заеднички проект на водечките филмски фестивали во регионот: Белградски филмски фестивал, Сараевски филмски фестивал, Меѓународен филмски фестивал Љубљана, Загрепски филмски фестивал, Херцег Нови филмски фестивал и фестивалот Браќа Манаки.
Ова е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион, чија цел е зголемување на видливоста, достапноста и промоцијата на квалитетна современа регионална кинематографија. Програмата се реализира со поддршка на потпрограмата MEDIA – Creative Europe.
