Бесплатни проекции на регионални филмови на Зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион

Од 22 јануари до 5 февруари, публиката во шест земји ќе има можност бесплатно да гледа наградувани регионални филмови во кино салите и онлајн, меѓу кои и европскиот документарен победник „Fiume o morte!“.

Зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион се одржува од 22 јануари до 5 февруари, носејќи бесплатни кино и онлајн проекции на наградувани регионални филмови во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Северна Македонија.

Програмата започна со бесплатни кино проекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и Скопје, а од 23 јануари сите филмови (со одредени исклучоци) се достапни и преку онлајн платформата on demand.kinomeetingpoint.ba, овозможувајќи поширока регионална достапност.

Годинава, публиката има можност да погледне шест наградувани регионални остварувања: „Семејна терапија“ на Соња Просенц, „Fiume o morte!“ на Игор Безиновиќ, „По летото“ на Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ на Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ на Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ на Гојко Бекуљан.

Посебно внимание привлекува документарниот филм „Fiume o morte!“, кој неодамна ја освои наградата на Европската филмска академија (EFA) за најдобар европски документарец, како и признанијата за најдобар филм, режија и сценарио на Јадранските филмски награди (AFA). Филмот преку гласовите на современите жители на Риека ја преиспитува сложената историја на градот и наследството на контроверзниот италијански поет и офицер Габриеле Д’Анунцио.

Во Скопје, како дел од кино-програмата, во Синеплекс беше прикажан филмот „Мајка Мара“, интимна драма за загубата, тагата и неочекуваната блискост меѓу мајка и пријател на нејзиниот починат син. Пред проекцијата, Мирјана Карановиќ се обрати пред македонската публика, истакнувајќи дека филмот произлегол од нејзино лично театарско искуство и длабока потреба да се раскаже приказна од внатрешниот свет на една жена.

„Овој филм е еден вид исповед. Многу ми беше тешко да бидам и актерка и режисер, но овие филмови се мои авантури. Со театарот сум во брак, а филмовите се мои љубовници“, изјави Карановиќ, нагласувајќи дека иако нејзините филмови не се комерцијални, тие имаат долгорочна вредност.

Документарната и играна програма се движи од политичка и историска рефлексија, преку интимни семејни драми, до горчливо-хумористични приказни за идентитет, љубов и избори. Така, „По летото“ носи комична драма за соочување со минатото, „Семејна терапија“ ја разоткрива темната страна на навидум совршено семејство, додека „Живи и здрави“ и „Планета 7693“ внесуваат човечност, топлина и суптилна иронија во програмата.

Зимското издание е заеднички проект на водечките регионални фестивали, меѓу кои Фестивалот на оригинални филмови – Белград, Филмскиот фестивал во Сараево, Фестивалот во Љубљана, Фестивалот во Загреб, Фестивалот во Херцег Нови и фестивалот Браќа Манаки. Ова е четврто зимско издание на Мрежата, чија цел е зголемување на видливоста, достапноста и промоцијата на современата регионална кинематографија.

Поради технички причини, филмот „Fiume o morte!“ нема да биде достапен онлајн на територијата на Словенија. Програмата се реализира со поддршка на потпрограмата MEDIA од програмата Креативна Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни