Бесплатни посети на музеј како терапија за психо-физичко здравје

Во Нојшател, Швајцарија, лекарите на своите пациенти можат да им препишуваат бесплатни посети во музеј, како дел од иницијативата насочена кон подобрување на менталното и физичкото здравје.

Во нов пилот-проект започнат од локалните и регионалните власти, лекарите сега можат да препишат „посети на музеи“ како дел од планот за лекување. Оваа иницијатива, која ги покрива трошоците за влез во кој било од четирите музеи во градот, има за цел да го зајакне менталното здравје и да обезбеди одреден културен одмор за пациентите.

Извештајот на Светската здравствена организација за 2019 година ги истакна бројните придобивки за менталното здравје од вклученост во уметноста. Од намалување на влијанието на траумата до забавување на когнитивниот пад, уметничката терапија се покажа дека има позитивно влијание врз целокупната благосостојба.


„Уметноста може да помогне да се релаксира умот, речиси како превентивната медицина“, рече Џули Курсие Делафонтен, член на советот на Нојшател. „За време на кризата со КОВИД, кога беа затворени културните локации, луѓето сфатија колку ни се потребни овие простори за да се чувствуваме подобро“.

Од почетоког, преку програмата се препишани околу 500 рецепти, со само скромен буџет од 10.000 швајцарски франци (околу 10.460 евра).

Ако биде успешен, локалните власти размислуваат проектот да го прошират и да вклучи други културни активности како театар или танц. Иако швајцарскиот национален здравствен систем моментално не ја покрива „културата како терапија“, Делафонтен се надева дека тоа би можело да се случи во иднина.

Клучна улога во креирањето на програмата, црпејќи инспирација од слична иницијатива започната во Монтреал во 2019 година, беше Маријана де Рејние Невски, менаџер за културна медијација во Нојшател. Таа верува дека широк спектар на пациенти би можеле да имаат корист, од оние кои страдаат од депресија до оние со хронични болести или проблеми со подвижноста.

„Тоа може да биде личност со депресија, личност која има проблеми со одењето, личност со хронична болест“, објасни Невски. Клучот е да се охрабрат пациентите да излезат од куќата, да имаат интеракција со околината, дури и ако тоа е само еден час во музеј.

Д-р Марк-Оливие Совен, шеф на хирургија во болничката мрежа Нојшател, на пациентите веќе им препишал посети во музејот. За оние кои се подготвуваат за операција, тоа е можност да станат фит и активни.

„Мислам дека овие пациенти целосно ќе имаат корист од музејските рецепти“, рече Совен. „Тоа е шанса да вежбате, и физички и интелектуално“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни