Бесплатна проекција на „Мајка Мара“ вечерва во Скопје

Филмот на Мирјана Карановиќ се прикажува во „Синеплекс“ во рамки на зимското издание на Јадранската фестивалска мрежа, со присуство на филмската екипа

Во киното Синеплекс вечерва (22 јануари), со почеток во 19 часот, ќе се одржи бесплатна проекција на филмот Мајка Мара, во режија на Мирјана Карановиќ, како дел од зимското издание на Јадранската фестивалска мрежа.

На настанот ќе присуствуваат режисерката и главна актерка Мирјана Карановиќ, актерот Вучиќ Перовиќ, како и кинематограферот Игор Маровиќ.

„Мајка Мара“ е интимна драма која ја следи приказната на успешна бизнисменка и самохрана мајка што се обидува да се соочи со загубата на својот син. Неочекуваната поврзаност со неговиот близок пријател Милан ја отвора темата на траумата, личното соочување и емотивната вистина.

Скопје е еден од шесте градови што денеска ја отвораат програмата на Зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион, заедно со Белград, Сараево, Загреб, Љубљана и Херцег Нови. Програмата ѝ овозможува на публиката бесплатно да гледа селекција од шест наградувани регионални филмови.

Покрај „Мајка Мара“, во програмата се вклучени и филмовите Семејна терапија на Соња Просенц, Fiume o morte! на Игор Безиновиќ, After the Summer на Данис Тановиќ, Живи и здрави на Иван Мариновиќ и Планета 7693 на Гојко Бекуљан.

Сите шест филмови ќе бидат достапни и онлајн преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.

Зимското издание на фестивалската мрежа е заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали, меѓу кои и Браќа Манаки, со поддршка од програмата Креативна Европа – МЕДИА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни