Бесплатен влез за „Череп во Конемара“ во Театар Комедија на 6 април

Театар Комедија е дел од иницијативата „Театрите поблиску до публиката“ на Министерството за култура. Одбележувајќи го светскиот ден на театарот, покрај веќе планираната програма и премиера, Театар Комедија ја кани публиката на 6 април (сабота) на претставата „Череп во Конемара“ во режија на Јане Спасиќ. Изведбата е закажана во 20 часот, а влезот е бесплатен.

Резервацијата и подигнувањето на бесплатните билети ќе се реализира преку билетарницата на Театар Комедија. Работно време на билетарница од понеделник до петок од 9:00-20:00 часот и 13:00-20:00 часот во сабота.

Автор на текстот е Мартин Мекдона (1970), препознатлив по својот апсурдистички црн хумор во драмските текстови и во филмските остварувања. Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Дејството е сместено во рурално место во околината на градот Голвеј, во областа Конемара, каде што живеат навидум богоугодни и длабоко религиозни луѓе. Недолго по разменувањето на првите реплики, се открива дека, всушност, ликовите се неморални, лицемерни, злобни, а дека Конемара е место каде што владее безвластие, па и најситна кавга или зајадлив коментар може да поттикнат насилство, па дури и убиство.

Во претставата играат: Сергеј Димоски, Елена Кузманов, Виктор Арсов и Тони Денковски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни