Д ФЕСТИВАЛ, најголемиот летен open-air музички фестивал во Македонија оваа година одбележува јубилејно 15 издание кое ќе се одржува од 4 до 6 јули во Штип и со бројни новости во својот програмски концепт.
Единствениот мултимедијален настан каде што музиката, уметноста и заедништвото се спојуваат во едно уникатно доживување, оваа година добива поголема хуманитарна мисија која Фестивалот ја реализира во соработка со иницијативата „Support Kocani”. Имено, Д Фестивал ова лето ќе биде со бесплатен влез за сите посетители, но со можност за купување на т.н. хуманитарни билети. Цената на хуманитарниот билет е 1500 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за иницијативата „Support Kocani”. Овие билети од денеска се достапни во продажба онлајн на веб-страницата МкТикетс, на овој линк: https://mktickets.mk/event/d-festival-2025/ .
Хуманитарната мисија на Д Фестивал е акт на солидарност, сочувство и обединување, по трагедијата што ни се случи во Кочани – трагедија што нè потресе сите, без разлика дали сме дел од музичката сцена или од пошироката заедница.
„За Д Фестивал, кој отсекогаш се залагал за заедништво, за безбедност и поддршка, суштински е да се реагира на секој можен начин, за помош онаму каде што е најпотребно, но и понатаму, за носење на иницијативи кои ќе придонесат во општото функционирање, зголемување на безбедноста, културното издигнување и одговорноста во нашата заедница.
Во оваа насока, го потенцираме нашиот став дека Д фестивал не е само простор за забава и уметност, туку и платформа за добрина, поддршка и заедничко делување. Веруваме дека културата има сила да сплотува и да ги поттикнува токму тие вредности. Па затоа ова лето, заедно ќе бидеме дел од едно поинакво, посветено издание на Д Фестивал.” – кажа тимот на „Пасворд Продакшн”, организаторот на Д Фестивал, на денешната прес-конференција која се одржа во Штип.
Голема поддршка на Д Фестивал се и партнерствата со општествено-одговорни компании, а од самите почетоци на Фестивалот таков партнер е Пивара Скопје, кои за новото поглавје на Д Фестивал ќе кажат: „Чест ни е што уште од самиот почеток, веќе 15та година по ред, сме дел од оваа приказна. Скопско и Скопско Smooth во својата ДНК ја имаат посветеноста на поттикнување и поддржување на креативноста, автентичноста и себереализацијата. Овие вредности се длабоко усогласени со духот на Д Фест кои беа препознаени уште на самиот почеток, и тоа е она што ја прави нашата соработка толку природна.
Години наназад го поддржуваме развојот на овој настан како платформа што ја слави моќта на музиката, собирајќи на едно место уметници и заедници кои ја споделуваат пасијата за поместување на границите. Чест ни е што продолжуваме да бидеме дел од оваа приказна и со нетрпение очекуваме уште многу години соработка, иновации и прослава на музика што инспирира.” – изјави Милена Спасевска од Пивара Скопје.