Во четврток, 6 ноември 2025, со почеток во 20:00 часот, во Киното во железничката зграда (ул. Борка Талевски 26, Скопје), ќе се одржи интерактивната театарска претстава „Бес и гнев: студии за авторитарниот карактер“ на изведбениот колектив ЛИГНА од Хамбург.
Претставата ја истражува привлечноста на авторитарните политики и фашистичките модели на владеење, поставувајќи прашања за желбите, копнежите и емоциите што ги потхрануваат таквите идеологии. Преку уникатна радио-хореографска структура, ЛИГНА создава колективен театарски чин во кој публиката станува активен дел од изведбата.
Посетителите се распоредени во квадрат и, со слушалки на ушите, слушаат синхронизирани индивидуални звучни траки што ја раскажуваат естетизацијата на политиката и механизмите на фашистичкото владеење. Во изведбата се користат оригинални аудио-снимки од Клаус Тевелеит, Доналд Трамп и Марк Јонген (AfD), кои го прошируваат звучниот и идеолошки контекст на делото.
Начинот на кој публиката реагира и се движи во просторот станува дел од колективен процес што го преиспитува односот меѓу заштитениот театарски простор и спорните јавни простори во општеството. Дел од изведбата дури се излева и надвор, на улица, каде граничните линии меѓу уметноста и политичката реалност се намерно замаглени.
Картите за претставата се бесплатни, но бројот на места е строго ограничен, па потребна е резервација преку порака.