Американските и европските акции се во пад, додека цената на златото порасна откако Трамп ги зголеми глобалните тарифи. Акциите беа во минус на вчерашното тргување на американските берзи. Акциониот индекс Dow Jones падна за 763 поени или за 1,5 проценти, S&P 500 за 1,2 проценти, а Nasdaq за 1,1 процент, објави CNBC.
Загубите на вредноста на софтверските компании поради страв од неизвесност околу растот на вештачката интелигенција, исто така придонесоа за падот на акциите.
Во саботата, американскиот претседател претходно се закани дека ќе ја зголеми глобалната царинска стапка на 15 проценти.
Компаниите од одбранбениот сектор постигнаа позитивни резултати, а во областа на производството на стоки за широка потрошувачка е забележан највисок раст од 1,3 проценти.
Финансискиот сектор имаше најголем пад, од речиси три проценти, додека информатичките технологии беа во минус од 0,7 проценти. Акциите на европските берзи го завршија вчерашното тргување во минус, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави зголемување на глобалните тарифи.Паневропскиот STOXX 600 го заврши денот со пад од околу 0,5 проценти, при што повеќето од главните берзи забележаа негативни резултати. Индексот DAX на Франкфуртската берза падна за 1,0 процент, а францускиот CAC 40 за 0,2 проценти, додека лондонскиот FTSE 100 беше на ниво на стагнација.Европските берзи ја завршија минатата недела со пораст откако Врховниот суд на САД пресуди против значителен дел од „реципрочните“ тарифи на Трамп, но претседателот изјави за време на викендот дека сега ќе воведе нова, општа глобална тарифа од 15 проценти, во однос на претходните 10 проценти.
Цената на златото вчера се зголеми за два проценти, на околу 5.210 долари за унца. Влијанието на трговскиот протекционизам и зголемениот геополитички ризик го поттикнаа интересот на инвеститорите за безбедни засолништа, објави „Трејдинг економикс“.Дополнителен стимул за растот на вредноста на златото е крајот на големите празници во Кина. Со стабилизирањето на приносот на годишните државни обврзници на САД на 4,07 проценти, овој благороден метал ја зајакна својата улога како заштита од потенцијален пад на глобалната трговија и регионалната стабилност, пренесува Политика.