Бернар Лори во Europe House Скопје: Историјата на Ромите на Балканот надвор од предрасудите

Во фокусот на предавањето беше неговото капитално дело „Ромите на Балканот (1280–1914)”, во кое авторот нуди темелна историска реконструкција на присуството, движењето и општествената положба на Ромите низ вековите

На 5 февруари, во просториите на Europe House Скопје, се одржа предавање на реномираниот француски историчар Бернар Лори, посветено на историјата и населувањето на Ромите на Балканот. Настанот официјално го отвори амбасадорот на Франција во Република Северна Македонија, Н.Е. Кристоф ле Риголер.

Бернар Лори, професор на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (INALCO) во Париз и еден од водечките европски експерти за балканската историја, преку предавањето ги деконструираше долгогодишните предрасуди поврзани со ромската заедница. Тој ја прикажа комплексната и повеќеслојна историја на Ромите во регионот, базирана на архивски извори и научни анализи.

Во фокусот на предавањето беше неговото капитално дело „Ромите на Балканот (1280–1914)”, во кое авторот нуди темелна историска реконструкција на присуството, движењето и општествената положба на Ромите низ вековите. Лори истакна дека историјата на Ромите не може да се разбере изолирано, туку како составен дел од пошироките балкански и европски историски процеси.

Настанот беше модериран од м-р Даниел Петровски, истражувач при Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и истакнат познавач на историјата и културата на Ромите. Дискусијата што следеше по предавањето вклучи бројна, љубопитна и активно вклучена публика, што уште еднаш ја потврди актуелноста и општествената важност на темата.

Предавањето беше организирано во соработка со Францускиот институт во Србија, како дел од пошироките напори за промоција на научниот дијалог, културната размена и критичкото преиспитување на историските наративи на Балканот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни