76. издание на Берлинскиот интернационален филмски фестивал започнува денес, со филмови од 28 земји што ќе се натпреваруваат за главната награда „Златна мечка“. Организаторите најавуваат селекција во која повторно доминираат актуелни политички и општествени прашања.
Претседател на жирито на фестивалот, кој ќе се одржи од 12 до 22 февруари, годинава е германскиот режисер Вим Вендерс, познат по филмовите „Небо над Берлин“ и „Париз, Тексас“. Во 2015 година тој беше награден со почесна „Златна мечка“ за животно дело. Меѓу членовите се и автори и продуценти од Непал, Јужна Кореја, Индија, САД, Јапонија и Полска.
На црвениот тепих се очекува присуство на актерките Ејми Адамс, која игра во филмот „At the Sea“, Жилиет Бинош, која ќе го претстави американскиот филм „Queen at Sea“, како и Сандра Хилер, дел од актерската екипа на филмот „Rose“.
Минатата година „Златната мечка“ ја освои норвешката љубовна драма „Снови“, во режија на Даг Јохан Хаугеруд.
Берлинале важи за еден од најполитичките филмски фестивали во светот, а годинашната програма повторно ги отвора темите на моќта, идентитетот, меморијата и општествените промени. Во фокусот се интимни приказни испреплетени со глобални конфликти, како и филмови што го анализираат местото на жената во различни општества, менталното здравје и зависностите.
Меѓу насловите што предизвикуваат најголемо внимание е „At the Sea“, американско-унгарска копродукција во која Ејми Адамс ја толкува улогата на Лора – танчерка чиј живот е нарушен од зависност од алкохол. По несреќа, таа поминува низ детоксикација и рехабилитација, но враќањето во семејството е обележано со недоверба и тензии, особено со нејзината ќерка и сопруг.
Филмот „Dao“, сместен меѓу Франција и Гвинеја-Бисао, ги поврзува личните приказни со културното наследство и концептот на „Дао“ како постојано кружно движење што ги поврзува луѓето и светот. Во центарот е жена која патува меѓу погреб и свадба, додека нарацијата комбинира фактички и фиктивни елементи.
Во драмата „Josephine“ на Бет де Араужо, осумгодишно девојче сведочи на силување во парк. Настанот ја менува нејзината перцепција за светот и ја продлабочува семејната криза. Улогата на таткото ја игра Ченинг Тејтум, а филмот ја истражува траумата и различните родителски пристапи кон нејзиното надминување.
Историската драма „Rose“ е сместена во Германија во 17 век, каде мистериозен војник се претставува како наследник на напуштена фарма. Подоцна се открива дека зад неговиот идентитет стои измама – приказна за жена што живеела како маж и ја измамила целата заедница. Главната улога ја толкува Сандра Хилер.
Британско-американскиот филм „Queen at Sea“ ја отвора темата на одлучување за туѓ живот, преку приказната за семејство што се соочува со напредната деменција на мајката. Конфликтот околу тоа кој има право да носи клучни одлуки станува централна тема во филмот на режисерот Ленс Хамер.
Наградата „Златен мечка“ ќе биде доделена на 21 февруари, по што победничкиот филм повторно ќе биде прикажан на завршната церемонија. Проекциите на конкурсните филмови ќе се одвиваат во повеќе кина во Берлин, а билетите се пуштаат во продажба два дена однапред.
