Легендарниот тренер Рафаел Бенитез демантираше дека неговото заминување од Реал Мадрид го предизвикал Кристијано Роналдо.
Поранешниот прв човек на Реал Мадрид и Ливерпул призна дека имало внатрешни проблеми на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, но дека тие не се поврзани со португалската ѕвезда.
-Никогаш немаше никаков конфликт меѓу нас. Заминав поради одредени внатрешни проблеми во клубот, но тие немаа никаква врска со Кристијано, изјави Рафаел Бенитез за египетскиот „МБЦ Маср 2“
Бенитез (64) се осврна и на борбата за титулата во шпанската Ла Лига.
„Барселона има предност во претстојните дерби натпревари, како во лигата, така и во Купот. Под водство на Ханс Флик, тие достигнаа многу високо ниво, особено младите играчи. Имаат многу енергија и огромна желба за победа“, истакна Бенитез.
Поранешниот тренер на Ливерпул го прокоментира и продолжувањето на договорот на Мохамед Салах. Според него, тоа е клучен чекор за тимот предводен од Арне Слот.
„Тој е голема фигура во светскиот фудбал. Последниве години тој покажа исклучителна конзистентност, која повеќето играчи не можат да ја постигнат. Сите во Ливерпул можат да бидат среќни што тој останува во клубот. Старее? Тој е играч кој прави разлика на секој натпревар. Кога играчот се грижи за себе и настапува на високо ниво, годините не играат улога. Секако дека заслужува да ја освои „Златната топка“. Зошто да не?“, додаде Шпанецот.