Русија и нејзиниот близок сојузник Белорусија разговараа со претседателот на Венецуела Николас Мадуро и неговите претставници, во период кога американскиот претседател Доналд Трамп го засилува притисокот Мадуро да се повлече од власт.
Мадуро во телефонски разговор на 21 ноември му порачал на Трамп дека е подготвен да ја напушти Венецуела доколку тој и неговото семејство добијат целосна амнестија, пренесуваат извори за Reuters.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денес го одржа вториот состанок во последните 17 дена со Хесус Рафаел Салазар Веласкез, амбасадорот на Венецуела во Москва.
Reuters бара објаснување од кабинетот на Лукашенко
БелТА јавува дека Лукашенко му рекол на дипломатот на 25 ноември дека Мадуро „секогаш е добредојден во Белорусија“ и дека е време да ја посети земјата. Агенцијата денес пренесе дека Лукашенко го потсетил Веласкез дека на првиот состанок се договориле да „координираат одредени прашања“ со Мадуро.
„Се договоривме дека, откако ќе ги решите одредените прашања, ќе најдете време повторно да дојдете кај мене за да донесеме соодветна одлука во рамките на нашите надлежности. А ако е потребно, ќе го вклучиме и претседателот на Венецуела“, го цитира БелТА Лукашенко.
Reuters побара објаснување од кабинетот на белорускиот претседател за овие состаноци и за можната подготвеност на Минск да му понуди азил на Мадуро, но одговор не добиле.
Кремљ денес објави дека претседателот Владимир Путин во разговор со Мадуро повторил дека ја поддржува политиката на неговата влада чија цел е „заштита на националните интереси и суверенитетот“ во услови на „сè посилен надворешен притисок“.
Трамп: „Мадурови денови се одбројани“
Администрацијата на Трамп не го признава Мадуро, кој е на власт од 2013 година, за легитимен претседател на Венецуела. Мадуро тврди дека победил на минатогодишните избори, кои САД и западните земји ги сметаат за наместени. Независните набљудувачи велат дека убедливо победила опозицијата.
Во последните месеци Трамп го засили притисокот врз Венецуела, меѓу другото и со распоредување воени сили во карипскиот регион. Во разговор за Politico оваа недела тој нагласи дека „деновите на Мадуро се одбројани“ и одби да каже дали е подготвен да испрати американска војска во Венецуела.
Белорусија балансира меѓу Москва и Вашингтон
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека се надева дека Белата куќа ќе успее да спречи отворен конфликт со „непредвидливи последици за целата западна хемисфера“.
Лукашенко одржува долгорочни блиски врски со Каракас, но оваа година започна дијалог и со владата во Вашингтон по години изолација поради состојбата со човековите права и неговата поддршка за руската инвазија врз Украина.
Трамп веќе почна да ги ублажува санкциите против Минск, а минатиот месец го назначи Џон Коал за специјален пратеник во преговори за ослободување политички затвореници во Белорусија.
