Од 16 до 19 октомври 2025, македонската престолнина повторно ќе биде домаќин на врвни музички имиња на 44. издание на Скопје Џез Фестивал. Се очекува четиридневен музички маратон исполнет со врвен современ џез, уникатни соработки, редок визуелен стил и публикa од целиот свет.
Главната сцена, како и досега, ќе биде Националната опера и балет, каде ќе настапат некои од најголемите имиња од светската џез сцена: Marc Ribot (САД), Wadada Leo Smith & Sylvie Courvoisier, Kahil El’Zabar’s Ethnic Heritage Ensemble, Goran Kajfeš Tropiques (Шведска), After the Wildfire Quartet (Норвешка), Andrzej Jagodziński Trio (Полска), National Jazz Orchestra, под водство на Sigi Feigl со тромбонистот Luis Bonilla, фестивалот ќе го затвори енергичниот James Brandon Lewis Quartet
Џез и на филмско платно
Фестивалот и оваа година нуди специјална филмска програма – Jazz Cinema, каде публиката ќе може да ги погледне документарците „We Want the Funk!“ и „Sun Ra: Do the Impossible“, кои се осврнуваат на духовните корени и авангардните експерименти на џезот.
-По серијата блескави последни изданија, се разбира, сметајќи ја и подалечната историја, програмската цел е да се продолжи богатата традиција и потврди високиот углед што го имаме во Европа и светот, вклучувајќи и таквата безрезервна подршка кај колегите од најдобрите европски фестивали и медиуми. Не се работи за натпревар помеѓу организаторите, туку меѓусебна инспирација. Основната програмска определба останува иста – современиот џез и најкреативното и најактуелно од него. За успехот сепак на крајот е клучен самиот избор. Сигурен сум дека годинава, токму со големите и актуелни имиња на џезот, таквиот култен статус ќе остане непроменет. Својот збор го кажува и публиката, како и фактот дека речиси половина од неа ја чинат странски гости. Конечно, оваа убава приказна е градена и со визуелниот дизајн на Скопскиот џез фестивал, проекциите на најдобрите и најсвежите музички документарни филмови и активниот однос кон македонската џез сцена– вели Оливер Белопета во изјава за Трн.
Скопскиот џез фестивал е нацаионално богатство кое опстојува 44 години и покрај сите сите препреки кои му ги поставува македонскиот менталитет и бирократија.
Во оваа средина во која извонредното тешко успева СЏФ е онаа вредност кон која сите треба да се стремиме, оној идентитет кој единствен, на крајот на краиштата, ни е потребен како современа нација.