Антифашизмот во Хрватска – помеѓу химна и хистерија

„Bella Ciao“ vs. „За дом спремни“ – Кога културата станува бојно поле

Пула ја потсетува Европа на вредностите на отпорот, во исто време додека Загреб ја потсетува на потребата од будност, затоа што историјата не е завршена приказна, туку прашање на избор. Ова не е само културен судир, тоа е борба за идентитет.

Филмскиот фестивал во Пула оваа година започна со моќна симболика — „Bella Ciao“. Химната на отпорот и слободарскиот дух одекна во античката арена како културна и историска декларација. Од другата страна, во срцето на Загреб, концертот на Томпсон собра илјадници кои аплаудираа на реторика „За дом спремни“ што се поврзува со фашистичкиот наратив на ХДЗ. Две сцени, две Хрватски, една која ја слави слободата и друга која сè уште ја романтизира репресијата. Иако во Хрватска, антифашизмот е уставна вредност, во пракса таа често се сведува на симболични гестови и политички контрасти.

На површина, ова изгледа како конфликт помеѓу левичарска уметност и десничарски национализам. Но суштината е подлабока, тоа е борба за идентитет, за интерпретација на историјата, за вредностите што ги живееме, а не само формално ги застапуваме. Прашањето е дали хрватскиот антифашизам не е само уставна вредност, туку дали е во исто време и општествена реалност?

Овој контраст помеѓу Пула и Загреб не е случаен. Тој е симптом на длабока идеолошка поделеност, каде што културата и музиката стануваат алатки за историска ревизија или отпор. Додека Пулската арена, со својата античка тишина, одекна со порака: „80 години од победата над фашизмот“. Томпсон, пак, ја претвори загрепската сцена во платформа за националистичка реторика, со иконографија што многу европски земји ја сметаат за неприфатлива.

Кога во еден викенд се случуваат двата настани, еден што слави сеќавање на отпорот, и друг што рехабилитира реторика од најмрачниот дел на 20. век, не може, а да не се прашаме: дали ова е контраст, или симптом? Дали сме сведоци на културна ревизија или на засилен отпор?

И додека Пула испраќа порака за културна одговорност, концертот на Томпсон беше проследен со државна логистика, дронови со крстови и ангели, и млади луѓе кои аплаудираат на симболи од НДХ. Пула ја потсетува Европа на вредностите на отпорот, во исто време додека Загреб ја потсетува на потребата од будност, затоа што историјата не е завршена приказна, туку прашање на избор.

Ова не е само културен судир, тоа е борба за идентитет.

Дали Хрватска ќе го избере патот на „Bella Ciao“ или ќе остане заробена во сенките на „Чавоглаве“? Одговорот не лежи само во уметноста, туку во политичката храброст да се застане зад вредностите што ги славиме во химните, а не само во фестивалите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни