Звучи премногу добро за да биде вистина: со мали промени во рутите на летовите (на пример летање 500 до 1.000 метри повисоко или пониско) авионскиот сообраќај би можел значително помалку да ѝ штети на климата. Но зошто тоа сè уште не се применува во пракса?
Научниците веќе со години имаат јасен став: ефектот на затоплување што го создаваат белите кондензациски траги зад авионите е најмалку еднаков на ефектот на јаглерод диоксидот (CO₂) што се испушта при летот – а можеби е дури два до три пати поголем.
Физиката зад тоа е следна: во многу студени и влажни слоеви од атмосферата се создаваат ледени облаци од кондензација кои можат долго да опстојат. Издувните гасови од авионите создаваат идеални услови за формирање кристали од мраз.
Тие облаци потоа ја задржуваат топлината што доаѓа од Земјата, наместо таа да се ослободи во вселената – ефект сличен на стакленичките гасови.
„Само летајте 1.000 метри повисоко или пониско“
Според атмосферскиот истражувач Јоахим Курциус од Универзитетот „Гете“ во Франкфурт, зоните во кои се создаваат вакви облаци можат да се протегаат на стотици километри, но обично се дебели помалку од еден километар.
Затоа, како што вели тој, често е доволно авионите да летаат малку повисоко или пониско за да се избегне создавање на овие траги.
Во 2024 година четири германски авиокомпании, меѓу кои Lufthansa и TUI, учествуваа во експеримент наречен „100 летови“. Првичните резултати покажале дека климатскиот ефект од кондензациските траги бил намален за 67 проценти, со минимално зголемување на потрошувачката на гориво.
Само мал број летови создаваат најголем проблем
Според студија на европската организација Transport and Environment, само 3 проценти од летовите создаваат околу 80 проценти од климатскиот ефект на овие траги.
Со мали промени во рутата кај мал број летови, голем дел од овој ефект би можел да се намали.
Зошто тоа не се применува?
Авиокомпаниите велат дека проблемот е во прецизноста на метеоролошките модели. Според Lufthansa, сегашните податоци сè уште не се доволно точни за сигурно да се предвиди кога и каде ќе се создадат кондензациски траги.
Друг проблем е и тоа што алтернативните рути можат да значат поголема потрошувачка на гориво, што пак создава дополнителни емисии на CO₂.
И покрај тоа, новите истражувања покажуваат дека веројатноста климатската штета да се намали со вакви промени е дури 99 проценти.
Експертите сметаат дека причината зошто оваа практика сè уште не е широко применета е едноставна – темата сè уште не е доволно позната.