Издавачката куќа „Полица“ на овој Саем на книгата на својот штанд го претстави новиот интересен проект – книги врамени зад стакло.
Целта на проектот е да се истакнат класичните дела кои одбележале одреден период и кои имаат силна симболика и да се повика на нивно зачувување и вадење од заборав.
Врамени зад стакло, книгите се издигнуваат на ниво на експонати во домот, од каде што постојано ќе нè потсетуваат на нивното значење и нивните главни пораки.
Првата книга што беше претставена во рамки на овој проект е збирката поезија „Бели мугри“ од Кочо Рацин, едно од најзначајните дела во македонската книжевност – симбол на социјалната ангажираност и надежта за подобро утре. Таа на саем е достапна врамена зад квалитетно заштитно стакло, со карактеристична црвена рамка.